Освен што го делат истото име и титулата на две најголеми ѕвезди на нивната генерација, Том Хенкс и Том Круз немаат многу заеднички нешта. Хенкс ја започна својата кариера во лесни комедии, а потоа неговата изведба во култниот филм „Big“ му ја донесе првата номинација за Оскар и ја отвори вратата за посериозни улоги.
Тој брзо стана актерска сила, освојувајќи два последователни Оскари за најдобар актер. Со текот на годините, тој се етаблира како симпатичен, сакан актер, чиишто актерски изведби предизвикуваат воодушевување.
Од друга страна, на Круз му било предодредено да биде суперѕвезда. По неколку значајни улоги, филмот „Top Gun“ го лансираше во орбитата. Веќе 40 години, тој е еден од најдоверливите акциони херои во Холивуд, познат по тоа што сам изведува неверојатни акробации, дури и во своите шеесетти години.
И покрај тоа што и двајцата се мегаѕвезди, тешко е да се споредат. Круз никогаш не би можел да го игра Форест Гамп, исто како што Хенкс не би можел да се носи со осум продолженија на „Невозможна мисија“. Но, има една улога која првично била напишана за Хенкс, но на крајот му припаднала на Круз – а Хенкс смета дека неговиот колега треба да го „исплати“ поради тоа.
Хенкс требал да биде Џери Мегваер
Кога Камерон Кроу го пишувал сценариото за Џери Мегваер, на ум го имал Хенкс за главната улога. Но, како што минувале годините, а продукцијата на филмот запирала, Хенкс едноставно станал премногу стар за улогата на спортски менаџер во најдобри години. Имено тој е шест години постар од Круз, па кога конечно дојде време за снимањето, морал да се откаже.
„Имав разговори со Камерон Кроу околу една година пред филмот да почне да се продуцира“, изјави Хенкс за „Access Hollywood“. „Во исто време, мојот добар пријател Џонатан Дем и јас разговаравме за некои проекти што сакавме да ги направиме. Така дојде идејата за „That Thing You Do!“. Го снимав тој филм и не бев достапен за Џери Мегваер“, додал актерот.
Хенкс ја заврши работата на своето режисерско деби во март 1996 година, токму кога започнало снимањето на Џери Мегваер. Неговиот филм не помина најдобро на киноблагајните и дури подоцна се здоби со култен статус, додека Круз заработи номинација за Оскар за улогата во Џери Мегваер. Филмот беше номиниран и за најдобар филм.
Гледајќи наназад, Хенкс смета дека Круз му должи симболична отштета.
„Том Круз ми должи еден долар. Сè уште го чекам тој чек“, се пошегувал Хенкс.