Актерката Аманда Сејфрид, најпозната по улогите во филмовите „Mamma Mia“, „Les Misérables“ и „Mean Girls“, ги воодушевила обожавателите со видео во кое се гледа како таа изгледа без шминка.
Имено, 39-годишната актерка го покажала својот природен изглед во неодамнешното видео на „TikTok“ за магазинот „Vogue“. Открила дека веќе 20 години се бори со периорален дерматитис, исип на кожата локализиран околу устата и ноздрите.
„Можеби мислите: ’Што е тоа на нејзиното лице?‘ Тоа е мојата егзема, а страдам и од периорален дерматитис. Кога имав 19 години почнав да добивам исип“, вели таа во видеото, додавајќи дека последните 20 години ги поминала барајќи совет од дерматолозите. Во видеото таа го измила лицето и објаснила како е можно да се третира исипот и истовремено да се покрие.
Таа покажала и како изгледа нејзината рутина за шминка и нега на лице, која вклучува тонер, серум и коректор кои се нанесуваат над медикаментозниот крем. Актерката го покажала резултатот и извикала: „Гледате колку беше лесно? Не треба да се ослободам од моето црвенило – не би знаела ни како да го направам тоа“.
„Ти благодариме за ова видео“
Во коментари се јавиле бројни тиктокери кои исто така се борат со дерматитис, но и бројни други кои ѝ се заблагодариле што покажала природен изглед со сите несовршености.
„Без филери, без ботокс, дури ни филтри, тоа е толку ретко од некој во таа индустрија“, „Ова е толку освежувачко. Како некој што се бори со розацеа, убаво е да се видат и познати личности кои страдаат од многу чувствителна кожа“, „Благодарам за ова видео“ и „Мојата кожа изгледа како нејзината“ се само неколку од коментарите.