[ВИДЕО] Мицкоски: Јас никаде не влегов со камери и немам намера да правам пи-ар од сето ова

Макфакс

18/03/2025

13:11

2.519

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција извести дека ги посетил пациентите повредени во пожарот во Кочани, хоспитализирани во Скопје.

На прашањето според кои протоколи е тоа дозволено и дали има последици врз здравјето на пациентите со оглед дека не му е дозволена посета ниту на семејството, тој одговори дека и вчера и денеска посетил пациенти и ги запазил сите протоколи побарани од медицинскиот персонал и од докторите.

„И во текот на вчерашниот и во текот на денешниот ден нема да видите лице, ниту да слушнете и прочитате име на пациент што јас сум го посетил. Ќе ги видите сите фотографии, ќе видите како јас сум влегол. Да, има и такви што влегуваа со камери и слично, но како што видовте и вчера и денеска, јас никаде не влегов со камери и немам намера да правам пи-ар од сето ова. Фотографиите се во тил, нема ниту едно лице, многу внимателно ги избиравме фотографиите за да нема ниедно лице. Не го правам тоа поради пи-ар, туку го правам за да излезам пред вас за да не се кријам и за да зборувам отворено за сето она со кое се соочуваме. Ако е тоа проблем, подготвен сум да сносам одговорност. Мојата задача е преку медиумите да се обратам со пораки до граѓаните и тие пораки се важни за граѓаните, тоа е мојата цел“, одговори Мицкоски.

Жалам што за 15 минути за одредена сума се давани овие лиценци: Мицкоски најави голема акција и затворање и санкционирање на сите што не ги исполнуваат условите за работа

Како држава во рекордно време ги преземавме сите мерки и протоколи што требаше да бидат преземени како никогаш досега, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на повредените пациенти од пожарот во Кочани, кои се сместени во болницата ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

Во врска со лиценците за работа на дискотеката и сличните објекти во државата, тој изјави дека во моментот трае акција на Државен пазарен инспекторат на цела територија на државата.


„Согласно законот за угостителство, се лиценцираат кабареа, отворени и затворени дискотеки. Нивната бројка е многу поголема од тие кои имаат законски документ. Во 2007-ма е сменет законот, во тие измени документите кои ги доставува правното лице кое бара лиценца, тврди под морална, материјална и кривична одговорност дека ги исполнува условите. Проблемот е што екс-официо не се проверени тие документи. Така што, овој објект од 500 и нешто квадратни метри не може по ниту една основа да биде кабаре и да бара лиценца. Тука е дополнително проблемот правен затоа што за дискотеките сумата која треба надоместокот да се плати, е поголем од тие што се лиценцираат за кабаре. Се истражува и бидете сигурни дека ниту еден објект кој не ги исполнува, како што стои во законот, минимум техничките услови, нема да биде оставен да функционира. Со сиот ризик и критика која потоа Владата ќе ја трпи“, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека жали што досега сето ова се толерирало.


„Жалам што во Министерството за економија дури кога ги добивале документите не ги проверувале. Жалам што за 15 минути за одредена сума, надомест се давани овие лиценци“, рече тој.

Најави робусна акција и сите кои не ги исполнуваат условите за работа ќе бидат затворени и санкционирани.

Околу 70 проценти од пациентите се лекуваат надвор, како Влада ќе направиме сè што можеме за да спасиме човечки живот, кажа Мицкоски

Секој кој бил во, или во близина на ужасниот настан да се јави на лекар и да побара консултација без разлика дали чувствува некои копликации, нема тука пркосење ако сакаме да нема други ефекти кои би следеле понатаму, замоли премиерот Христијан Мицкоски при посетата на повредените пациенти од пожарот во Кочани кои се сместени во болницата ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

„Како Влада правиме сè што можеме и ќе продолжиме, за да спасиме човечки живот“.

Најави седница на влада на која ќе биде потврдена одлуката, Владата да ги покрие трошоците на два члена на семејство за да се упатат таму каде што се згрижени пациентите.


„Голема благодарност до лекарите, до медицинските тимови коишто вложуваат натчовечки напори и во првите моменти од ужасната трагедија да спасат човечки животи, во процесот на транспорт, голем дел, повеќе од 70-80 пациенти се надвор од државата така што денеска и министерот за надворешни работи и надворешна трговија и министерот за здравство се наоѓаат во Солун, и од таму одат во Софија да ги посетат дел од згрижените пациенти. За час и половина имаме седница на Владата, ќе ја потврдиме одлуката да ги покриеме трошоците на 2 члена од семејството за да појдат онаму каде што се згрижени пациентите и превоз и сместување.

Се слушаме со голем број европски и светски лидери, помошта стига од сите страни, а јас сум благодарен на соседите и сите останати“, рече премиерот.