Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека разговарал по телефон со украинскиот лидер Володимир Зеленски околу еден час.
„Само што имав многу добар телефонски повик со украинскиот претседател Зеленски. Траеше околу еден час“, напиша Трамп на својата платформа „Трут Соушал“.
Тој истакна дека голем дел од дискусијата се базирала на вчерашниот телефонски разговор на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин „за да можат и Русија и Украина да се усогласат со нивните барања и потреби“.
„Ние сме на вистинскиот пат и ќе побарам од државниот секретар Марко Рубио и од советникот за национална безбедност Мајкл Валц да дадат точен опис на точките за кои се разговараше“, рече американскиот лидер, додавајќи дека наскоро ќе биде објавено официјално соопштение.
Трамп и Путин во вторникот, за време на телефонскиот разговор, се согласија Русија привремено ќе ги запре нападите врз украинските енергетски капацитети. Путин рече дека вооружувањето и мобилизацијата на Украина мора да бидат прекинати во контекст на американската идеја за привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, соопшти Кремљ.
Зеленски претходно денеска најави дека ќе разговара со Трамп и рече дека очекува да слушне повеќе за плановите на американскиот претседател за спроведување на прекинот на огнот.