Зеленски ги истакна „црвените линии“ на Украина за каков било мировен договор со Русија.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на прес-конференција во Хелсинки изрази уверување дека Украина ќе ја „победи оваа војна“, пренесува Би-Би-Си.
Тој го осуди рускиот претседател Владимир Путин за прекршување на неговиот предлог за прекин на огнот со смртоносни напади, откако Кремљ претходно се согласи да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура.
Украинскиот лидер се подготвува да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп за првпат по кавгата во Белата куќа.
На прес-конференцијата со финскиот претседател Александар Стуб, украинскиот претседател изјави: „Ние се бориме за нашиот суверенитет и независност, ќе победиме во оваа војна.“
Потоа беше прашан дали ќе има разговори со Доналд Трамп во наредните денови и ако е така, за што ќе разговара и што ќе го праша. Зеленски потврди дека ќе има разговори меѓу двајцата во текот на денот, но не откри детали.
Со ова заврши прес-конференцијата во Хелсинки, а двата лидери (Стуб и Зеленски) се прегрнаа и ракуваа.
Тој беше прашан кои се „црвените линии“ на Украина во преговорите со Русија и дали верува дека Трамп може да изврши притисок врз Путин за постигнување мир. Зеленски одговори дека му е потребна правична гаранција дека војната нема да се обнови, додавајќи дека не ќе разговара со Русија за економските гаранции обезбедени од ЕУ, ниту за деталите поврзани со украинската војска.
Тој исто така побара ослободување на илјадници украински воени заробеници од Русија.
– Тоа се безусловни работи – додаде тој. Финскиот претседател Александар Стуб изјави дека ЕУ е во позиција да и помогне на Украина и дека приоритет треба да биде Киев да има право да ја избере својата „иднина и судбина“.
Да потсетиме, британскиот премиер Кир Стармер синоќа разговараше со Зеленски, откако двочасовниот разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин заврши со нови руски барања.
Британскиот премиер разговараше со украинскиот претседател откако Москва се согласи да работи на ограничен прекин на огнот за украинската енергетска инфраструктура, наместо безусловниот прекин на огнот што го бараа САД.
Путин исто така изјави дека нема да прифати решение без „целосен прекин на испраќањето странска воена помош и прекин на испраќањето разузнавачки информации во Киев“. Ова најверојатно ќе биде неприфатливо за Зеленски и неговите европски сојузници.