Koга завршивме со закопувањето на Вања, Љупчо Палевски ладнокрвно запали цигара и си го отвори телефонот за да види што има на Интернет. Тогаш кажа дека се дигнала врева и се бара Вања, продолжи со сведочењето, Велибор Маневна рочиштето за двојното убиство на Вања и Панче.
„Единствено преместување на телото е кога го стававме во дупката. Ја копавме околу 20 минути. За тоа време, не го мрдавме телото на Вања, сè додека не го ставивме внатре. Пред да го преместиме, беше во вреќа, која ја извади и фрли во колата на Жежовски. Лопатите ги фрливме по пат, кога одевме кон Глумово, со колата на Панче. Лопатата, пред да ја фрли, Палевски ја чистеше. И рачката и металот ги прскаше со ВД-40 за да се скријат трагите. Подзастанаа и Кешишев ги фрли алатите во долот“ рече Манев.
Обвинетиот Манев и денес раскажуваше дека Палевски две недели ја следел потенцијалната жртва за грабнување, висока жена со долга коса, многу слична на Вања Ѓорчевска, освен во годините. Таа живеела во истата зграда, била ќерка на богат фармацевт и имала четириесетина години. Тој тврди дека по два неуспешни обиди, грабнале погрешна личност.
На рочиштето Манев рече и дека Палевски ја одлепил траката од устата на Вања Ѓорчевска, ја сликал со вперен пиштол, а откако ја убил, го спакувал пиштолот, заедно со трите мотороли и наредел на свој послушник да го уништи пакетот.
Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска во судницата на Кривичниот суд стана и го праша Велибор Манев – „Зошто ми го убивте детето?“. На тоа доби одговор: „Не можам да одговорам, тоа треба да го прашате Љупчо Палевски“.
Во врска со тоа дали некој од нив се слушнал со родителите на Вања, бидејќи таа им ги дала нивните телефонски броеви, тој одговори дека тој лично не, а за другите не знае. Прашан и зошто не испратиле слики за откуп, рече дека тоа е прашање за Палевски.