Челси игра неконстантно во оваа сезона во Премиер лигата, а тоа засега е доволно за четврто место на табелата што значи место во Лигата на шампионите во наредната кампања, нешто што воедно е и цел на клубот од „Стемфорд Бриџ“.
Меѓутоа има уште девет кола до крајот, разликата меѓу четвртото и десеттото место е само пет бода што значи дека многу работи можат да се променат, па дури опција е и „сините“ да останат без настап во европските купови.
Дали ова сценарио е реално и може да се случи ќе покаже времето, но според некогашниот англиски репрезентативец Иан Рајт реално е Челси да не биде во Топ 4 на крајот на натпреварувачката 2024/2025.
- Го гледав Челси против Арсенал и сметам дека беа навистина слаби од секој аспект. Очигледно, многу им недостасуваат Мадуке и Џексон, а и Кол Палмер не играше. Немаат кој да го истегне тимот или некој да ја контролира играта за да можете да им подадете на овие играчи на кои им одеше толку добро на почетокот на сезоната. Тие не изгледаа како тим кој ќе даде гол против Арсенал и нема шанси да бидете сигурни како дефанзивец кој игра пред Роберт Санчез.
- Нема шанси да седам овде во моментов и да видам сценарио за тоа како ќе го направат тоа [да бидат во првите четири]. За мене, ако сум Њукасл или Борнмут или Брајтон или кој било, мислам дека ова е најдобрата шанса што ќе ја имаме затоа што мислам дека Челси нема да успее, - порача некогашната ѕвезда на Арсенал.