Симеоне за неверојатниот пресврт на Барселона: Направив грешка со една измена

Дерби

17/03/2025

11:27

649

Големина на фонт

а а а

Атлетико Мадрид ретко кога прима четири голови од било кој тим, но уште поневеројатна е ситуацијата кога тоа ќе се случи во период од само 20 минути.

Барселона губеше 2:0 на „Метрополитано“ до 70-та минута и се чинеше дека планот на Диего Симеоне е прилично перфектен, но погодокот на Роберт Левандовски за 2:1 иницираше еден несекојдневен фудбалски бран, кој во продолжение резултираше со уште три гола во мрежата на Јан Облак.

Каталонците направија извонреден пресврт и зададоа важен удар во битката за титулата, па откако славеа со 2:4 на тешкото гостување, добија честитки и од противничкиот тренер.

– Мора да му се честита на ривалот, иако имаа и малку среќа која ја заслужија. Имавме можност да искористиме повеќе од неколку контри, но не го направивме тоа. Барселона е многу добар тим, мора да им се честита и да продолжиме да работиме.

– Планот излегуваше перфектно за нас, се изгледаше идеално до 70-та минута. Мислам дека погрешив со една измена. Задоцнив со внесувањето на дефанзивецот Хименез. Требаше да го внесам веднаш по првиот примен гол, кога го направив тоа, веќе беше 2:2. Во фудбалот нема прошка, затоа сум тука да бидам и самокритичен. Можеби со Хименез ќе примевме шест голови, но ќе беше попаметно да го затворам натпреварот на 2:1. Не добив доволно време и кога ја направив замената, веќе беше 2:2, – изјави Симеоне, кој откри зошто рано од игра го повлече и Алварез.

– Хулијан се чувствуваше лошо, имаше треска и температура. И покрај тоа, сите видовте како одигра на теренот. Постигна гол, не можев да барам повеќе од него, – откри Чоло.