Дискотеката во Кочани имала само два противпожарни апарати, немала хидрантска мрежа, имала само една импровизирана врата и таа била затворена: Обвинителството регистрирало бројни неправилности

Макфакс

16/03/2025

20:35

3.011

Големина на фонт

а а а

Вечерва државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, обзнани дека по извршениот увид во дискотеката во Кочани, биле забележани многу неправилности.

Тој рече дека во објектот било увидено дека нема хидрантска мрежа, недоволен број на ПП апарати, немало доволен број на врати и таа што ја имало била затворена со сунѓери за сузбивање на звукот, немало огноотпорен покрив, и дека просторот бил за објект за лесна индустрија, а не во угостителски објект.

„Се презедоа низа активности, со тоа што од страна на јавните обвинители беа издадени наредби за обдукција на починатите.

Беше наредено да се апси секое лице кое што со своето постапување или непостапување довело до настанот, и да се испита неговата улога. Има наредба за испитување на низа на предмети. Беше издаден предлог за издавање на наредби за привремено одземање на снимки од безбедносни камери на Основниот суд Кочани. Издадена е наредба за одземање документација од дискотеката. Исто така наредба за претрес на дом и други простории во Кочани.

Од страна на јавните обвинители беше извршен увид на лице место, и уште не е завршен, ќе продолжи во текот на утрешниот ден. Ќе ангажирам уште 3-5 јавни обвинители од ЈО Скопје, затоа што е сложен предмет, и ќе треба да се испитуваат уште многу работи“.

Според Коцевски немало можност за пристап на противпожарни возила. Внатрешноста на објектот била со гипс картон, но без огноотпорни својства, немало систем за известување за пожар.

Дискотеката непрописно била обложена со материјали за звучна изолација, со лесно согорливи материјали.