Министерството за здравство објави телефонски броеви на кои семејствата може да добијат информации за состојбата на хоспитализираните лица по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 51 лице, а 152 се хоспитализирани различни здравствени установи низ државата. Од нив 18 се во критична состојба.
Ова се телефонските броеви:
Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“ – 071226764
Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје- 070387115
Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – 075203026
Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека веднаш по несреќата, здравствениот систем бил целосно мобилизиран, а сите болнички капацитети се ставени во функција за да се обезбеди најдобра можна грижа за повредените.
Распределба на хоспитализираните пациенти:
Детска хирургија – 4
Клиника за пластична хирургија – 11
Клиничка болница Штип – 45
Општа болница Кочани – 30
Св. Наум Охридски – 29
8 Септември – 17
КАРИЛ – 16
Од вкупниот број хоспитализирани, 18 пациенти се во критична состојба:
Детска хирургија – 3
КАРИЛ – 7
Градска општа болница – 5
Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски– 3
„Министерството за здравство ја уверува јавноста дека сите расположливи ресурси се ставени во функција и дека ниту еден пациент не е оставен без неопходна грижа. Наш приоритет останува спасувањето животи и обезбедувањето најдобри можни услови за закрепнување на повредените“, рече Таравари.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 51 лице, 152 се в болница, од кои 18 се во критична состојба. Загинатите се на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип, кажа денеска директорката на Болницата во Кочани, д-р Кристина Серафимовска. Директорката кажа дека првиот повик дека има пожар го добиле во 2:48, за 30 минути се екипирала цела болница. Стигнале 70 пациенти, биле со изгореници и со труења од јаглерод моноксид.
Според првичните информации, како што кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК. Пожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез.
Црвениот крст соопшти дека достави и помош во болницата во Кочани со ќебиња, постелнина и инвалидски колички. Возилата на Црвениот крст од програмата за санитетски транспорт се ставени во функција на институциите на системот. Отворени се наменски телефонски линии за прва психолошка помош на броевите 071/338-081 во Кочани, 074/203-030 во Штип и 072/271-048 во Скопје кои ќе бидат во функција 24/7.