Европската радиодифузна унија (ЕБУ) побара од финската претставничка Ерика Викман да ги смени костимот и кореографијата бидејќи сметаат дека нејзиниот настап е „премногу вулгарен за Евровизија“.
„Тие сакаат да ги сменам костимот, содржината на песната и кореографијата“
Ерика Викман на финските медиуми им објаснила што точно ѝ наложила ЕБУ да направи. „Тоа не е само една работа. Сакаат да го сменам костимот, содржината на песната и кореографијата бидејќи мислат дека сето тоа заедно е премногу сексуално. Сакаат да си го покријам задникот“, рекла Викман.
„Јас целата сум премногу“
Таа потврди и дека осмислила нов костим за нејзиниот евровизиски настап. „Тие проблемот го гледаат во тоа што мислат дека мојот настап е премногу, но не сфаќаат дека јас целата сум премногу“, изјави пејачката. Како ќе изгледа нејзиниот изменет настап ќе се знае за време на втората полуфинална вечер на Евровизија, кога Ерика Викман ќе ја изведе својата песна „Ich Komme“.
Инаку, финската претставничка привлече големо внимание со песната „Ich Komme“ која во превод значи „свршувам“. Според самата Викман, песната ја слави „радосната порака на задоволство, екстаза и состојба на транс“, а нејзиниот текст отворено се однесува на сексуалното задоволство и кулминација. Некои музички критичари веќе ја опишале како песна чија структура го следи патот до оргазам.
Која е Ерика Викман?
Ерика Викман е родена на 20 февруари 1993 година во Тампере, а нејзиниот музички талент бил очигледен уште од раното детство. Таа израснала во семејство на музичари – нејзината мајка била пејачка специјализирана за финско танго. Викман својата професионална кариера ја започнала во 2013 година со учество во финската верзија на Суперстар, каде стигнала до финалето. Иако не победи, натпреварот ѝ ги отвори вратите на музичката индустрија.
После тоа, Викман се посветила на финското танго и во 2015 година се натпреварувала на престижниот фестивал „Тангомаркинат“, освојувајќи го второто место. Веќе следната година таа се вратила и победила, добивајќи ја титулата танго кралица на Финска. Оваа победа и донела голема популарност и договор со дискографската куќа „Sony Music“.
Од танго кралица до поп дива
Иако ја започнала својата кариера како изведувачка на традиционално финско танго, Викман сакала да истражи и други музички насоки. Нејзиниот сингл „Ettei mee elämä hukkaan“ од 2017 година ја покажа нејзината склоност кон електропопот, но клучната пресвртница дојде во 2020 година со песната „Cicciolina“, со која се натпреварувала на финскиот натпревар за песна на Евровизија – „Uuden Musiikin Kilpailu“ (UMK).
Песната посветена на контроверзната политичарка и поранешна актерка од филмови за возрасни Илона Сталер, попозната како Чичолина, стана огромен хит во Финска. Преку оваа песна Викман целосно го трансформирала својот имиџ – од традиционална танго пејачка станала поп ѕвезда со провокативни настапи. Чичолина набрзо беше прогласена за феминистичка химна, а иако го освои второто место на УМК 2020 година, песната ги освои срцата на публиката и стана нејзин заштитен знак.
По овој успех, Викман продолжи да произведува хитови како „Syntisten pöytä“ и „Häpeä“, а нејзиниот деби албум „Erika Vikman“, објавен во 2021 година, го достигна првото место на финските топ листи.