Првото рочиште на судењето против медицинскиот тим за смртта на легендарниот Диего Марадона се одржа денес во Буенос Аирес, каде обвинителот Патрицио Ферари предизвика голем шок кај присутните. Тој покажа фотографија од моментот на смртта на Марадона, што предизвика силни емоции кај семејството и сите во салата.
Фотографијата стана вирална
„Вака почина Марадона“, рече Ферари додека ја држеше фотографијата високо, нагласувајќи дека неговата тешка здравствена состојба била очигледна и дека никој од обвинетите не може да тврди дека не бил свесен за неа. Неговите ќерки, Далма и Џанина, не можеа да ги задржат солзите, а подоцна ги утеши сестра им Јана. Драматичната сцена беше пренесувана во живо на каналот на Врховниот суд на провинцијата Буенос Аирес на "YouTube" и брзо се прошири на социјалните мрежи.
"Así murió Diego Maradona"
— 𝗔𝗡𝗚𝗘𝗟 fan (@AngeldeBrit_ok) March 11, 2025
durante el juicio la querella mostró una foto del 10, que recorre el mundo, estaba hinchado pic.twitter.com/TBIL9y1hBH
Обвинети и обвиненија
На обвинителна клупа се осум лица, меѓу кои лекари и медицински сестри кои се грижеле за Марадона во неговите последни денови. Меѓу обвинетите е и неврохирургот Леополдо Лук, кој беше негов личен лекар. Пристигнувањето на медицинскиот персонал во судот во Сан Исидро, предградие на Буенос Аирес, беше проследено со негодување од собраните граѓани, кои викаа „убијци“.
Тензиите дополнително се зголемија кога поранешната сопруга на Марадона, Вероника Охеда, влезе во конфликт со една од обвинетите – психијатарката Агустина Косачов. Неколку часа пред судењето, ќерката Далма во телевизиско интервју изјави дека бара правда и повторно ја изнесе теоријата за заговор на моќни луѓе кои сакале ја смртта на Марадона.
„Сакаме овие луѓе да кажат кој ги вработил, кој им ги исплаќал платите, кој управувал со куќата“, рече Далма.
Обвинителски заклучок
Во своето воведно излагање, обвинителот Ферари истакна дека по една година истрага е составено цврсто обвинение без противречности, засновано на докази. Според него, постојат силни докази дека обвинетите се одговорни за смртта на Марадона за време на домашното лекување од 11 до 25 ноември 2020 година, во она што тој го нарече „куќата на ужасот“.
Обвинителот заклучи дека „семејството и аргентинскиот народ заслужуваат правда“.
Диего Марадона почина на 25 ноември 2020 година, на 60-годишна возраст, од срцево-респираторен застој во неговата резиденција во Тигре, ексклузивно предградие северно од Буенос Аирес, каде закрепнуваше по операција за отстранување на хематом на главата.