Косопственикот на Манчестер јунајтед, Сер Џим Ретклиф, изјави дека некои играчи „не се доволно добри“ за клубот и дека некои од нив се „преплатени“.
Ретклиф, спомна играчи како Касемиро, Расмус Хојлунд, голманот Андре Онана, Антони и Џејдон Санчо, кои се на позајмица во други клубови, како фудбалери кои неговото раководство ги наследи.
Навивачите ги критикуваа овие играчи додека беа на „Олд Трафорд“.
„Потребно е време да се оддалечиме од минатото на ново место во иднината“, рече Ретклиф.
На прашањето дали сугерира дека овие фудбалери не се доволно добри за Манчестер јунајтед, тој одговори:
„Некои од нив не се доволно добри, а некои веројатно се преплатени, но за да формираме тим за кој сме целосно одговорни, ќе треба време. Како што знаете, имаме одлични играчи во тимот, капитенот е одличен фудбалер. Дефинитивно ни треба Бруно (Фернандеш), тој е фантастичен фудбалер“, рече тој.
Ретклиф е навивач на Манчестер јунајтед од дете, тој е британски милијардер и претседател на петрохемиската компанија Инеос, која е голем инвеститор во спортот.
Тој минатата година потроши 1,3 милијарди фунти за 28,94 отсто од акциите во клубот, а неговата компанија ги презеде фудбалските операции.
Зборувајќи за тренерот Рубен Аморим, кој го замени отпуштениот Ерик Тен Хаг во ноември, Ретклиф рече дека Португалецот има поддршка од раководството.