На НБА легендата и се заканува долга затворска казна: Шон Кемп призна дека пукал во двајца мажи – може да добие 10 години затвор

Точка

28/05/2025

14:44

783

Големина на фонт

а а а

Да не направеше спогодба, ќе можеше да заврши до деценија зад решетки …

Легендата на Сиетл и НБА лигата, Шон Кемп, призна вина за напад со огнено оружје од втор степен!

Кемп во 2023 година пукал во двајца мажи на паркинг кај трговски центар – среќа во несреќа, никој не бил повреден!

Првично беше обвинет за напад од прв степен со отежнувачка околност – употреба на огнено оружје – а подоцна му беа додадени и обвиненија за напад од втор степен и пукање од возило.

Со тоа што ја призна вината, избегна затворска казна до 10 години. Наместо тоа, можно е да добие деветмесечна казна.

„Шон е решен да продолжи понатаму во позитивен правец. Се согласи на договор што му овозможува да преземе одговорност, но истовремено ги признава и околностите на самоодбрана во овој случај“, изјави неговиот адвокат Тим Лири.

Настанот се случил на 8 март 2023 година, кога за време на концерт во Сиетл, му било провалено во камионетот. Крадците украле торба што припаѓала на вработена во неговата продавница за канабис, клучеви, мобилен телефон, деловна документација и спортска опрема, меѓу која и дресови што ги носеле тој и Гери Пејтон – планирани за хуманитарна аукција.

Кемп успеал да ги лоцира крадците, по што дошло до вооружен судир. Сведоци тврдат дека било пукано од двете страни.

Пресудата за Кемп е закажана за 22 август.

Кој е Шон Кемп?

Иако никогаш не освоил НБА титула, ниту победил во натпреварувањето во забивања (во финалето го победи Ди Браун), Кемп има шест последователни учества на Ол-стар натпревари и златен медал од Светското првенство во Канада во 1994 година. Навивачите го обожуваа – Кемп е од оние кои играат со срце и се даваат до крај на теренот. И без титули, останува запаметен.


Неговиот прекар беше „Reign Man“

Едвај имаше ѕвезда од тие НБА години што Кемп не ја „постеризирал“ со моќно забивање. Браќата Костакос во 1991 година создадоа постер со Кемп во акција на забивање, со натпис „Reign Man“. Овој надимак го прифати официјалниот спикер на Соникс, Кевин Калабро, кој го користеше во сите преноси. И самиот Кемп го засака прекарот – од тој момент, стана играч кој „владее со обрачите“.

Ајзеа Томас вака го опиша:

„Како да мразеше обрачот. Имав чувство дека секојпат сака да го скрши. Толку силни му беа забивањата“.


Но, покрај блескавата спортска кариера, Кемп уште од младост имал проблеми со законот. Беше исфрлен од Универзитетот Кентаки поради обвинение за кражба и се префрли на помалку познат универзитет во Тексас. По крајот на семестарот се пријави на драфтот и како 17-ти пик во првата рунда беше избран од Соникс – најмладиот играч во лигата тогаш.

Во тандем со Гери Пејтон направија силен тим, но во ерата на Чикаго Булс не успеаја да стигнат до врвот. Во финалето на НБА лигата во 1996 година, Булс со Мајкл Џордан, Скот Пипен, Денис Родман, Тони Кукоч и тренерот Фил Џексон беа апсолутни фаворити. Почнаа со 3:0, но Сиетл доби две следни и намали на 3:2. Сепак, „Летечкиот Мајкл“ не дозволи изненадување – Чикаго стигна до титулата.

Тогаш почна и падот на кариерата на Кемп. Следеа Кливленд, па Портланд – за заборав. Во втората сезона во Кливленд дојде до познатиот „локдаун“ и преговори за нов договор. Кемп се врати во катастрофална форма – со вишок килограми, побавен и повеќе зависен од шутот. Се појавија гласини дека за време на паузата почесто бил пијан отколку трезен, со редовна употреба на кокаин. Беше само сенка од играчот кој владееше во Соникс. Во првата сезона во Портланд замина на рехабилитација, обидувајќи се да се ослободи од зависности.


Последните две сезони во Орландо беа далеку од професионално ниво – повеќе личеше на рекреативец.

По пензионирањето, се опушти, доби значителна тежина и тешко се препознава. Се врати во Сиетл и започна легален бизнис со канабис – но тоа не беше неговата единствена активност.

Двапати беше уапсен поради поседување дрога.

Кемп се грижи за големо семејство – се знае дека има најмалку седум деца со шест различни жени, а се претпоставува дека бројот е и поголем. Двајца негови синови тргнаа по неговите кошаркарски стапки.