Која била бестрашната Клара Цеткин поради која го прославуваме 8 Март: Направила многу за наредните генерации жени во светот

Точка

08/03/2025

12:04

2.446

Големина на фонт

а а а

Помеѓу бестрашните, храбри и смели жени кои ја менува историјата и се осмелија да прават работи што во тоа време биле незамисливи, секако припаѓа и помалку заборавената феминистичка икона, основачката на Денот на жената, Клара Цеткин.

На Првата меѓународна женска конференција во 1910 година во Копенхаген, организирана од Социјалистичката интернационала, веќе прославената германска социјалистка Клара Цеткин предложила еден ден во годината да биде посветен на жените. Нејзиниот предлог бил прифатен и првиот ден на жената бил прославен на 19 март 1911 година. Подоцна бил променет во 8 март, бидејќи на тој ден во 1917 година, жените во Советскиот Сојуз добиле право на глас.

ОН го прифатиле датумот во 1975 година и го прогласиле за Меѓународен ден на жената.


Клара Цеткин, ќерка на селски учител, цел живот жестоко се борела за правата на жените и работниците. Барала еднакви плати за жените и мажите, се залагала за правото на жените да гласаат и генерално за подобрување на положбата на жената во општеството, како и еднаквост во воспитувањето на децата.

„Оној кој им дозволува на капиталистите да ги угнетуваат работниците, им дозволува и на мажите да ги угнетуваат жените. Тие ќе останат угнетени додека не станат економски независни. Ако целта е жената да стане слободно човечко суштество, тогаш не треба да ѝ се одзема работата, ниту да ѝ се скратува работното време, ниту да се ограничат областите во кои може да работи“, биле зборовите на познатата германска револуционерка, кои ги изговорила уште во 1889 година во Париз.


Родена е во 1857 година во источногерманското село Видерау помеѓу Лајпциг и Кемниц. Израснала во дом во кој се негувале христијанските и хуманистичките идеи. Таа била една од првите жени во Германија на која ѝ било дозволено да студира како учителка. Посетувала настава во Лајпциг, во класата на Огист Шмит, кој бил голем борец за правата на жените. Таа, исто така, се приклучила на Германската социјалдемократска партија.


Со својот животен партнер и голема љубов, еврејскиот револуционер Осип Цеткин од Одеса се преселила во Париз. Таму добиле два сина и таа го променила своето моминско презиме од Ајснер во Цеткин, иако не била мажена за него.

Во Париз пишувала за француски и германски работнички весници. Кога ѝ починал сопругот, таа останала со две мали деца и без приходи, па се преселила во Штутгарт. Таму се вработила како уредничка на пролетерското женско списание „Еднаквост“. Подоцна се омажила за 18-годишниот поет и сликар Георг Фридрих Цундел.

Била првата жена која влегла во самиот врв на социјалдемократите, а како делегат на КПД, за време на Вајмарската Република во 20-тите години на минатиот век, била претставничка во германскиот Рајхстаг. Поминала многу време во Москва, каде раководела со женската канцеларија на „Третата интернационала“. Таа ја отворила седницата на германскиот Рајхстаг како најстара членка на 30 август 1932 година, но неколку месеци подоцна побегнала во Москва пред нацистите.


Шест месеци по нејзиното бегство, таа починала на 76-годишна возраст во замокот Архангелское во близина на Москва, а нејзината урна се наоѓа во ѕидините на Кремљ во Москва. На нејзиниот погреб во 1933 година присуствувале 600.000 луѓе.

Клара Четкин била национална икона во поранешна ГДР. Нејзиниот лик красел банкнота од десет марки. Секој 8 март, нејзината куќа во Видерау била место на еден вид социјалистички аџилак.

Се залагала за подобрување на улогата и положбата на жената во семејството. Говорела дека бракот треба да се постави на темели на меѓусебно надополнување и поддршка и дека двајцата родители треба да бидат одговорни за воспитувањето на децата, а не само мајката.


„Како што мажот и жената си припаѓаат еден на друг кога создаваат дете, така си припаѓаат и кога го воспитуваат детето, бидејќи образованието е второто создавање на детето и во многу случаи поважен дел од создавањето на детето, а подоцна и на човечкото суштество. Во оваа насока, би сакала јасно да ја истакнам должноста на родителите, да не ги воспитуваат своите девојчиња и момчиња со предрасуди, кои велат дека има работни места кои се недостојни за мажите, но погодни за жените. Девојчињата и момчињата треба да ги извршуваат сите домашни работи со еднаква умешност и задоволство“, говорела Цеткин пред повеќе од 100 години.