Белата куќа денеска ги демантираше информациите дека е донесена одлука за одземање на привремениот правен статус на 240.000 Украинци кои избегаа во Соединетите Американски Држави по почетокот на војната со Русија.
Прес-секретарот на Белата куќа, Керолин Левит, во објава на платформата Х изјави дека веста што ја објави Ројтерс е „лажна“ и дека „во овој момент не е донесена никаква одлука“.
Претходно денеска Ројтерс, повикувајќи се на висок функционер на администрацијата на Доналд Трамп и на три извори запознаени со планот, објави дека администрацијата на Трамп планира да го отповика привремениот правен статус на околу 240.000 Украинци кои побегнале во Америка поради конфликтот со Русија, со што се отвора можност за нивна депортација, пренесе Би-би-си.
Според американскиот партнер на Би-Би-Си, Си-Би-Си њуз, мнозинството Украинци запишани во програмата за привремен заштитен статус дошле во САД во согласност со политиката на обединување за Украина од ерата на поранешниот американски претседател Џозеф Бајден, која беше суспендирана од администрацијата на Трамп.
Многу програми на TPS се во процес на укинување, бидејќи некои од назначените лица на Трамп веруваат дека тие биле злоупотребувани долго време, додаде CBS.
Како што претходно објави Ројтерс, планот за одземање на привремениот правен статус на околу 240.000 Украинци кои побегнаа во Америка поради конфликтот со Русија е дел од поширокиот план на администрацијата на Трамп за одземање на правниот статус на повеќе од 1,8 милиони мигранти на кои им беше дозволен влез во САД преку привремените хуманитарни програми започнати за време на мандатот на поранешниот претседател.
Според медиумот, претставниците на администрацијата, исто така, планираат да го отповикаат правниот статус на околу 530.000 мигранти од Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела, што би можело да стапи на сила веќе овој месец.
Мигрантите чиј статус е одземен би можеле да бидат изложени на забрзани процедури за депортација, се вели во интерната е-пошта за имиграција и царинско спроведување, видена од Ројтерс.
Покрај Украинците, овие мерки би можеле да погодат и повеќе од 70.000 Авганистанци кои побегнаа откако Талибанците ја презедоа власта, како и мигрантите од Латинска Америка и Карибите кои користеа специјални програми за обединување на семејствата, пренесува Танјуг.