Специјалниот пратеник на САД за Украина и Русија, Кит Келог, денеска изјави дека не може да гарантира дека Вашингтон ќе продолжи да го снабдува Киев со оружје дури и ако Украина го прифати договорот за минерали и дека оваа одлука е на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој рече дека украинската страна била запознаена дека средбата во Овалната соба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе биде фокусирана на склучување договор за минерали, пренесува АП.
Келог оцени дека средбата „тргнала во погрешна насока“ кога Зеленски наводно се обидел да го убеди Трамп да застане на страната на Киев.
Зеленски, кој инсистираше на тоа дека на Украина и се потребни безбедносни гаранции пред прекинот на огнот со Русија, подоцна рече дека е подготвен да го потпише договорот.
Сепак, Келог рече дека не може да гарантира продолжување на испораката на оружје дури и ако Зеленски го прифати договорот и дека Трамп ќе ја донесе таа одлука.
Келог истакна дека една од причините за суспензијата на американската помош е токму влијанието што таа би го имала врз Украина, а целта, според пратеникот, била Киев да разбере дека Трамп е сериозен за постигнување мир.
Тој посочи дека Украина треба сериозно да размисли за потпишување договор за минерали со САД.
„Кога економски се поврзувате со некого, не ми е гајле дали се работи за франшиза за хамбургери од Мекдоналдс или за благородни метали, вие се инвестирате дипломатски, воено, економски во иднината на оваа земја. И тоа е она што ние се обидуваме да го објасниме“, рече Келог.
Келог рече дека безбедносните гаранции не вклучуваат само испраќање војници и дека нема да има понатамошна дискусија за ова прашање додека не се потпише договор за ова прашање, пренесува Гардијан.
Трамп и Зеленски разменија остри зборови за ситуацијата во Украина, кога Трамп го обвини украинскиот претседател дека е неблагодарен за помошта што неговата земја ја добива од САД и дека покажува „непочитување“, по што беше одложено потпишувањето на договорот за ретки минерали на Украина, што беше најавено.
По неуспешната средба, американскиот претседател изјави дека Зеленски „не бил подготвен за мир“ и дека може да се врати во Белата куќа на разговори кога ќе биде подготвен, пренесува Танјуг.