Медведев за Макрон: „Самиот Микрон не е голема закана“

Макфакс

06/03/2025

20:10

558

Големина на фонт

а а а

Русија ги отфрли европските предлози за испраќање мировници во Украина и рече дека францускиот претседател Емануел Макрон упатил закана дека Москва е сериозна закана за Европа. Во меѓувреме се огласи и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој се потсмеваше на Макрон, нарекувајќи го „Микрон“, пренесуваат светските медиуми.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во средата, во телевизиско обраќање до нацијата, дека планира следната недела да одржи состанок на европските воени началници кои се подготвени да испратат војници во Украина по евентуалниот мировен договор со Русија. Тој порача и дека Франција мора да биде подготвена доколку САД повеќе не се покрај неа.

Како што пишува Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп ја смени американската политика кон Украина и Русија, барајќи договор за прекин на војната, критикувајќи ја Украина, а истовремено размислувајќи за обновување на односите со Москва.

Макрон изјави дека Русија е „закана за Франција и Европа“, дека војната во Украина е веќе „глобален конфликт“ и дека ќе иницира дискусија за проширување на францускиот нуклеарен чадор на сојузниците во Европа.

Кремљ го опиша говорот на Макрон како крајно конфронтативен и рече дека е јасно дека сака војната во Украина да продолжи, додека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека изјавата на Макрон претставува закана за Русија.

„Ова е, се разбира, закана за Русија“, изјави Лавров на новинарите во Москва. „За разлика од неговите претходници, кои исто така сакаа да војуваат против Русија – Наполеон, Хитлер – господинот Макрон не постапува многу грациозно, бидејќи тие барем отворено рекоа: „Мора да ја освоиме Русија, мора да ја победиме Русија“.

Лавров, исто така, ги отфрли европските предлози за испраќање мировници од членките на НАТО во Украина, велејќи дека Москва ќе ја смета таквата мисија за присуство на НАТО во Украина, што Русија нема да го дозволи.

Русија и САД се убедливо најголемите нуклеарни сили во светот, со по над 5.000 нуклеарни боеви глави, додека Кина има околу 500, Франција 290 и Обединетото Кралство 225, според Федерацијата на американските научници.

Руските власти тврдат дека острата реторика на Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и другите европски лидери во последните денови не е поддржана од вистинската воена моќ и укажуваат на рускиот напредок на бојното поле во Украина.

„Самиот „Микрон“ не е голема закана. Засекогаш ќе исчезне најдоцна до 14 мај 2027. И никој нема да зажали за него“, изјави поранешниот претседател Дмитриј Медведев.