Трамп: Мексико нема да плаќа царини за стоки до 2 април

Макфакс

06/03/2025

20:08

270

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска изјави дека Мексико нема да мора да плаќа царини за која било стока што спаѓа во трговскиот договор САД-Мексико-Канада до 2 април, пренесува Ројтерс.

„По разговорот со мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум, се согласив дека Мексико нема да мора да плаќа царини за ништо што спаѓа во договорот USMCA (САД-Мексико-Канада)“, напиша Трамп на неговата мрежа.

Како што наведе, овој договор важи до 2 април.

„Ова го направив како отстапка и од почит кон претседателката Шајнбаум. Нашите односи беа многу добри и работиме напорно на границата, како во однос на запирање на илегалните имигранти да влезат во САД, така и во однос на запирање на фентанилот“, напиша Трамп и се заблагодари на мексиканската претседателка за нејзината напорна работа и соработка.

Од друга страна, Шајнбаум рече дека денеска имала „одличен и почитуван“ разговор со нејзиниот американски колега Доналд Трамп, кој се согласил да ги паузира американските царини за мексиканскиот увоз што се во согласност со постоечкиот трговски договор USMCA.

Шајнбаум напиша на платформата X дека САД и Мексико ќе продолжат да работат заедно за да го запрат протокот на опиоидниот фентанил од Мексико во САД, како и борбата против трговијата со оружје од САД во Мексико.

Американскиот секретар за трговија Хауард Лутник претходно денеска изјави дека едномесечното одложување на високите царини за стоки увезени од Мексико и Канада, кое беше одобрено за производи од автомобили, најверојатно ќе биде продолжено на сите производи опфатени со трговскиот договор меѓу САД и Мексико и Канада.

Лутник изјави за CNBC дека се надева дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе го објави продолжувањето денес, еден ден откако ги ослободи автомобилските стоки од царините од 25 отсто што ги воведе на увозот од Канада и Мексико претходно оваа недела.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера одобри едномесечно ослободување од новите царини на увозот од Мексико и Канада за американските производители на автомобили, пренесува Танјуг.