Целосно окружен со градот Рим, со површина од помалку од половина квадратен километар, Ватикан е убедливо најмалата земја во светот, па не зачудува фактот што држи неколку рекорди и крие неочекувани тајни.
Целата држава се наоѓа на списокот на светско наследство на УНЕСКО и е единствена од ваков вид во светот, но можеби нема да погодите дека има и свој – телескоп кој постои од 1981 година.
Сосем посебна
Според формата на владеење, Ватикан е апсолутна монархија, со избран владетел, т.е. папата. Ватикан има свои вооружени сили – Папска швајцарска гарда, знаме, пошта, банка, весници и списанија како и телевизија и радиостаница. Само Радио Ватикан вработува триста луѓе.
Римокатолицизмот е предуслов за извршување на каква било служба во Ватикан (за Светата столица), вклучително и добивање државјанство. Ова е единствената земја во светот чие државјанство не се стекнува при раѓање и е привремено, т.е. тоа е исклучиво поврзано со позиција или служба.
Колку луѓе живеат во Ватикан?
Денес, Ватикан има помалку од осумстотини граѓани, а вработени во музеи, галерии, продавници за сувенири, ресторани… кои секојдневно патуваат на работа од соседна Италија – околу две и пол илјади. Жените сочинуваат помалку од шест отсто од населението, а исто така Ватикан е земја со најниска стапка на наталитет.
Имено, нема ниту болница, ниту породилиште, само мало одделение за итна помош и амбулантата „Мадре ди Мисерикордија“ на самиот плоштад Свети Петар, која обезбедува бесплатна здравствена заштита за сиромашните.
Со оглед на неговата површина од скромни 44 хектари и околу шест милиони посетители годишно, во туристичка смисла Ватикан е вистинска суперсила. На мисите на плоштадот Свети Петар истовремено можат да присуствуваат 80 илјади луѓе.
А каде што има многу луѓе има и крадци, па така оваа мала земја има и најголема стапка на криминал (по глава на жител). Најчести кривични дела се кражбите, а сторителите се секако странци. Но, бидејќи целата земја има само неколку притворски ќелии, осудените ја отслужуваат казната во Италија.
Италијанскиот јазик се користи за сите службени работи, но официјалниот јазик на Светата столица отсекогаш бил латинскиот, така што не е невообичаено што овде банкоматите нудат и латински, па ќе ве замолат да ја вметнете картичката и да го внесете вашиот ПИН со зборовите: „Inserito scidulam quaeso ut faciundam cognoscas rationem“. Ватиканската банка, се разбира, е единствената во светот со оваа јазична опција.
Иако Ватикан нема јавен превоз или автопатишта – има хелидром (Portus Helicopterorum), изграден за време на понтификатот на папата Павле VI. Како и најкратката железница во светот, долга само 300 метри, а единствената станица се вика „Stazione Città del Vaticano / Stazione Vaticana“. Но, на оваа станица не се симнуваат патници, туку товар.