[ВИДЕО] Најважните моменти и изјави на Трамп од двочасовниот говор

Точка

05/03/2025

20:53

1.808

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп рано утринава по наше време, го одржа своето инаугуративно обраќање пред двата дома на Конгресот, во кое ги претстави активностите на неговата администрација во првите 40 дена и најави дополнителни мерки, оценувајќи дека првиот месец од неговиот мандат е најуспешен во американската историја.

„Првиот месец од мојот мандат е најуспешен во историјата“, рече Трамп, наведувајќи го Џорџ Вашингтон како втор најуспешен.

Тој додаде дека неговата инаугурација пред шест недели „ја прогласила зората на златното доба на Америка“. Досега немаше „ништо освен брза акција“, рече Трамп, додавајќи дека неговата администрација досега направила повеќе од која било друга во четири цели години. „А уште сме на почетокот“ нагласи тој.

„До моите сограѓани, Америка се врати“, рече Трамп во својот говор, по што следуваа громогласни овации и аплаузи од републиканците. Потпишани се над 1.000 одлуки, ова е време за големи соништа, додаде тој.

Во текот на целото обраќање на американскиот претседател, републиканците во Капитол стануваа со ракоплескање и одобрување, додека демократите држеа табли на кои пишуваше „Неточно“ и „Маск краде“.

Во продолжение неколку клучни точки од денешниот говор.

Презентација на потези

Претседателот ги истакна неговите одлуки за повлекување на САД од неколку меѓународни договори, вклучувајќи го и Парискиот климатски договор, како и од организации како Светската здравствена организација. Тој го искритикува Законот за чипови и наука, кој беше усвоен во 2022 година со поддршка од двете партии и тврдеше дека го укинал „мандатот за електрични возила“ донесен од администрацијата на Бајден.


Украина

По тензичниот состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот, Трамп рече дека Зеленски му испратил писмо во кое ја изразил неговата подготвеност да преговара и потпише договор за минерали. Тој исто така најави дека оваа недела ќе преземе „историски чекори за драстично да го прошири производството на клучни минерали“ во САД.

Во врска со војната во Украина, тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин чувствува дека може да ја нападне Украина поради начинот на кој администрацијата на Бајден се справила со повлекувањето на САД од Авганистан.

DOGE и федерални работници

Поздравувајќи ги Елон Маск и новоформираното Министерство за владина ефикасност, Трамп рече дека „сите овде“ – вклучително и демократите – ја ценат работата на тоа тело. Тој исто така рече дека Маск е на чело на DOGE, и најави реорганизација на федералната администрација и предупреди дека сите работници кои се противат на политиката на неговата администрација ќе бидат отпуштени.


Економија

Зборувајќи за економијата, Трамп предложи да се даночни олеснувања од неговиот прв мандат да станат трајни и да се донесе закон со кој ќе се елиминираат даноците за бакшиш и прекувремена работа. Тој, исто така, го обвини поранешниот претседател Џо Бајден за високите цени на јајцата, иако главната причина е појавата на птичји грип, што го натера американското Министерство за земјоделство да нареди уништување на цели јата за да се спречи ширењето на вирусот.

Царини

Трамп посвети неколку минути на одбраната на неговата царинска политика, која предизвика пад на акциите, неизвесност меѓу бизнисите и пад на довербата на потрошувачите. Тој тврдеше дека неговите царини „ќе ја направат Америка повторно богата“, но призна дека можат да се појават „мали нарушувања“ и „преоден период на адаптирање“, и најави дека царините, кои ќе бидат усогласени со оние во другите земји, ќе стапат на сила од 2 април.


Гренланд и Панамски канал

Трамп ја повтори желбата САД да ја преземат контролата врз Гренланд, истакнувајќи дека тие „работат со вклучени страни на тоа“. Тој, исто така, тврдеше дека САД го започнале процесот на враќање на контролата врз Панамскиот канал, исполнувајќи го своето предизборно ветување дека ќе го врати каналот под американска администрација.

Трамп посебно спомна две жени во салата

Трамп ја истакна неодамнешната извршна наредба со која им се забранува на трансродовите жени да учествуваат во женски спортови, спомнувајќи ја личната приказна на Пејтон Мекнаб, која беше присутна на говорот како гостинка на првата дама Меланија Трамп. Тој, исто така, одаде признание на семејството на Лејкен Рајли, кое исто така беше присутно, истакнувајќи го неговиот прв голем законодавен успех – Законот за Лејкен Рајли.

Пејтон Мекнаб е поранешна средношколска одбојкарка од Северна Каролина, која, како што тврди, се здобила со тешка повреда за време на натпревар во 2022 година, кога нејзина противничка, трансродова спортистка, силно ја удрила со топка која ја погодила во главата. Оваа повреда резултирала, како што Мекнаб јавно рече, со потрес на мозокот, крвавење на мозокот, делумна парализа и губење на периферниот вид на десната страна.


По инцидентот, Мекнаб стана застапник за правата на жените во спортот, сведочејќи пред Генералното собрание на Северна Каролина во корист на законот со кој се забранува на трансродовите спортисти да се натпреваруваат во женски спортови. Нејзините напори придонесоа за донесување на таков закон во САД.

Од друга страна Лејкен Рајли била 22-годишна студентка на Универзитетот Аугуста во Џорџија. На 22 февруари 2024 година, за време на утринското џогирање на кампусот на Универзитетот во Џорџија, таа била брутално нападната и убиена. Нејзиниот убиец, Хозе Антонио Ибара, бил имигрант од Венецуела кој илегално влегол во САД. Ибара и претходно бил уапсен за кражба, но бил ослободен пред да го изврши ова кривично дело.


Во ноември 2024 година, Ибара беше прогласен за виновен за убиството на Лејкен Рајли и осуден на доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Нејзината смрт предизвика национална дебата за имиграциската политика и граничната безбедност. Како одговор, Конгресот го усвои „Законот Лејкен Рајли“, кој бара задолжително притворање на недокументирани имигранти обвинети за одредени злосторства, вклучително и кражба. Претседателот Доналд Трамп го потпиша овој закон на 29 јануари 2025 година, со што стана првиот закон кој го потпиша во неговиот втор мандат.