Додека платите на работниците не стигаат ниту за покривање на сметките за струја, владиниот врв се гоштева на грбот на граѓаните. Имено, Службата за општи и заеднички работи на Владата, склучи милионски договори за полнење на стомаците на владините функционери со скапи деликатеси, велат од Левица.
Наместо, како што истакнуваат, веднаш да го прифати предлогот на ССМ за минимална плата од 500 евра, владејачката коалиција ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ избра да троши народни пари на егзотични овошја и храна која е недостижна за обичниот работник: папаја, аспарагус, манго, ананас, авокадо, леб од по 100 до 440 денари и многу друго.
Во исто време, потсетауваат дека трошоците за живот вртоглаво растат – синдикалната кошничка за јануари 2025 година е зголемена за 6.089 денари, а храната поскапена за 10,43%. „Власта наместо да ги штити работниците, без срам ја покажува својата вистинска политика – привилегии за богатите, беда за народот. Тоа се покажува и со нивните скапи патувања без никаков придонес за државата, бизнис класи, приватни авиони, најавите за купување на нов владин авион, дрското одбивање на предлогот за кратење на патните трошоци“.
Левица, како што нагласуваат од оваа партија, остро се спротивставува на оваа неодговорна и понижувачка политика.
„Ако Владата не го прифати предлогот на ССМ, Левица ќе поднесе законско решение за зголемување на минималната плата.
Ова не е економска криза – ова е класна војна, во која власта свесно го гази народот за да ги нахрани своите олигарси. Додека работниците одвај преживуваат со мизерни плати, нивните пари се трошат на гурмански луксузи за владините паразити. Или Владата веднаш ќе го прифати зголемувањето на минималната плата, или ќе се соочи со отпор што нема да може да го игнорира“, велат од Левица.