„Зајакнување на енергетското партнерство“: Средба на Божиновска со унгарскиот министер за енергетика во Будимпешта

Макфакс

04/03/2025

15:10

222

Големина на фонт

а а а

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамките на посетата на Будимпешта, каде што се одржа Втората меѓувладина седница меѓу владите на Северна Македонија и Унгарија, оствари билатерална средба со унгарскиот министер за енергетика, Чаба Лантос.

На состанокот присуствуваа и Карој Матраи (Károly Mátrai), извршен директор на MVM Group, како и Петер Холича (Péter Holicza), заменик државен секретар, кои ги претставија перспективите за унапредување на енергетската соработка меѓу двете земји.

Во фокусот на разговорите беа можностите за зајакнување на енергетското партнерство, инфраструктурната поврзаност и обезбедувањето на енергетска стабилност. Двете страни ја истакнаа важноста на натамошната соработка во областа на обновливите извори на енергија, гасната инфраструктура и регионалната енергетска интеграција.

Министерката истакна дека ова партнерство со Унгарија е пример како стратешките соработки можат да донесат конкретни резултати, од подобрување на енергетската ефикасност до зголемување на интерконективноста и развој на иновативни енергетски решенија.

Министерката Божиновска ја нагласи заложбата на Владата на Македонија за стабилен и сигурен енергетски систем, со диверзификација на енергетските извори и модернизација на инфраструктурата, а Унгарија ја потенцираше подготвеноста за поддршка во процесите на енергетска транзиција и поголема поврзаност на енергетските пазари.

Средбата беше потврда за цврстите билатерални односи и партнерството во енергетскиот сектор, со јасна насока за конкретни заеднички проекти кои ќе донесат бенефити за двете земји.