Италијанската премиерка Џорџа Мелони е крајно скептична во однос на испраќањето европски трупи во Украина и не се согласува со предлогот на Велика Британија и Франција, пишува весникот „Република“.
Според извештајот на весникот, Мелони отворено негодувала.
„Разместувањето на италијанската војска никогаш не било на дневен ред“, изјавила таа.
Според неа, Рим би учествувал во ваква мисија само ако е под покровителство на Обединетите нации и ако борбите престанат.
Во врска со неуспешните преговори на Володимир Зеленски во Вашингтон, кои завршија со јавна расправија со американскиот претседател Доналд Трамп, Мелони изјави дека жали за случувањата во Овалната канцеларија, но истакна дека тоа не смее да се претвори во поделба на табори и заземање страни.
Премиерката, на маргините на Европскиот самит на НАТО во Лондон, разговарала со Зеленски, на кого, според нејзината прес-служба, му ја потврдила поддршката на Рим.
Истовремено, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани оцени дека е прерано Франција и Велика Британија да формулираат идеи за можни формати на прекин на огнот во Украина.
„Засега е прерано да се зборува за тоа кој што треба да направи – изјави шефот на италијанската дипломатија, пренесуваат италијанските медиуми.
Министерот нагласи дека западните земји мора заеднички да ги решаваат прашањата поврзани со Украина.
„Сè мора да се направи заеднички. Европа мора да биде заедно со САД. И ќе биде неопходно да се седне на преговарачка маса со Русија и Украина. Само така може да се постигне праведно и трајно мировно решение“, заклучи Тајани.
Претходно, францускиот претседател Емануел Макрон, во интервју за „Фигаро“, изјави дека тој и британскиот премиер Кир Стармер предложиле едномесечен прекин на огнот во воздухот, на морето и во однос на енергетската инфраструктура во Украина.
Макрон објасни дека предлогот не ја опфаќа ситуацијата на терен, бидејќи должината на фронтот го отежнува надзорот врз примирјето.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков предупреди дека разместувањето на мировни сили е возможно само со согласност на двете страни во конфликтот.
Според него, прерано е да се зборува за мировници во Украина.