Германија се наоружува

Точка

04/03/2025

19:05

1.944

Големина на фонт

а а а

Германија е во политички шок. На економски најсилната земја во Европа како никогаш порано ѝ стана јасно дека геополитичката ситуација значително се менува. Дека одамна се сменила. Сега сите релевантни политичари во Германија се зафатени со трескавично барање одговори за промените кои се случуваат исклучително брзо. Во моментов, како што пишува Дојче веле, тоа значи појасно позиционирање во однос на САД и Русија. И дополнително вооружување.

„САД долго време се недоверливи“

Познатиот политиколог Карло Масала оцени дека за Европа „Кога се во прашање вредностите и интересите САД во блиска иднина нема да бидат доверлив партнер“. Професорот на Универзитетот Бундесвер во Минхен ова го изјавил за „Deutschlandfunk“ во понеделникот (3-ти март).

Сепак, тој додал: „Секако во некои случаи тие ќе имаат повеќе заеднички интереси со нас отколку со другите. Верувам дека тогаш независна и суверена Европа во такви случаи би била попривлечна за САД“.

„САД безбедносен ризик за Европа“

Во заднина на оваа дискусија е скандалот во Белата куќа што се случи во петокот (28.02.), кога американскиот претседател Доналд Трамп пред камерите и во присуство на украинскиот претседател Володимир Зеленски практично ја откажа солидарноста со Украина.


Клаудија Мејџор од Фондацијата за наука и политика (SWP) рече: „Мораме да признаеме дека нашиот најважен сојузник сега веќе не се однесува како сојузник, туку станува безбедносен ризик за Европа“.

Шолц во Лондон во сенката на Макрон и Стармер

Сето ова се случува во време кога Германија сè уште нема формирано нова влада по предвремените парламентарни избори. Меѓутоа нов канцелар најверојатно ќе биде лидерот на демохристијаните Фридрих Мерц, кој никогаш претходно не бил на јавна функција. Германија во моментов е во оваа преодна фаза.

На неодамнешниот самит во Лондон за Украина, темпото го диктираа францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, а не германскиот канцелар Олаф Шолц, чијшто мандат е при крај. Париз и Лондон застанаа зад украинскиот претседател Зеленски и предложија план за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија.


Германската воздржаност се должи на фактот што Шолц по неговиот изборен пораз, нема полн капацитет. Во Германија, политичката култура налага канцеларот кој треба да ја предаде функцијата на наследникот да се воздржува од донесување далекусежни одлуки, а што и да кажел Шолц во Лондон би имало карактер на далекусежен став.

Шефот на германските социјалдемократи (СПД) Ларс Клингбејл рече дека во овие клучни моменти Германија не стои настрана, па Шолц сепак отпатува за Лондон и се сретна со Зеленски. „Следната германска влада ќе има голема одговорност во европската политика. Заедно со Полска и Франција ќе формира трио земји кои ќе бидат одлучувачки за воспоставување стабилност во Европа“, рече тој.

Во Берлин се шпекулира дека Клингбејл би можел да стане министер за надворешни работи во случај на коалиција меѓу демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите. Тој расправијата во Овалната соба ја нарече повик за будење.

400 милијарди евра за Бундесверот?

Политички Берлин секако се разбудил. Одеднаш се разговара за мерки кои пред извесно време малку биле незамисливи.Станува збор за нова, огромна финансиска програма што ќе му овозможи на Бундесверот заедно со другите европски сојузници, да ја брани земјата без учество на САД.


Оваа програма, исто така, ќе треба да вклучи средства кои би го компензирале целосното или делумното отсуство на американската поддршка за Украина. Се споменуваат суми од 400 милијарди евра, иако минатата недела стануваше збор за 200 милијарди евра. Ова Германија секако не може да го финансира од тековниот буџет, туку би морала да се задолжи над лимитот пропишан со германскиот устав. Во таков случај, Парламентот би морал да ја промени таа уставна одредба.

Одлука можна само со стариот состав на парламент

Инаку Бундестагот, би морало да одлучи за ова со двотретинско мнозинство – односно со стариот состав на парламент што беше избран во 2021. Меѓутоа во новиот парламент нема двотретинско мнозинство поради зајакнувањето на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) од една страна и Левицата од друга страна. Нема многу време бидејќи новиот Бундестаг мора да се состане најдоцна до 24 март.


Мерц има намера до Велигден да формира демохристијанско-социјалдемократска влада, но прво мора да се договори коалиција со СПД. Тој во понеделникот во Берлин најави: „Сакаме да направиме нешто за Бундесверот, а тоа стана повеќе од јасно по настаните во Белата куќа во петокот. Но, сè уште немаме договор. Не можам да прогнозирам“.

Мерц и Шолц разговараат во среда

Така Мерц ја демантираше веста дека Бундестагот следниот понеделник (10 март) ќе донесе одлука за рекордни инвестиции во германската војска. Притисокот врз сите засегнати страни да се договорат за ваква инвестиција е поголем од кога било. Социјалдемократите ги откажаа сите други термини оваа недела со цел да се фокусираат на разговорите за формирање влада.


Во среда (5 март), канцеларот Олаф Шолц ќе се сретне со неговиот веројатен наследник Фридрих Мерц, за да се договорат околу следните чекори. Меѓу главните прашања, едно е особено важно: Како може Германија самата да се погрижи за сопствената безбедност, за која од 1945 година во голема мера се грижат САД?