Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека некој што сака преговори намерно не пука во луѓе со балистички ракети.
„Украина се бори за нормален и безбеден живот што го заслужува, за мир кој е праведен и сигурен. Сакаме оваа војна да заврши. Но, Русија не го сака тоа и продолжува со својот терор од воздух: во текот на изминатата недела над 1.050 напади со беспилотни летала, околу 1.300 воздушни бомби и повеќе од 20 проектили беа лансирани над Украина за уништување градови и убивање луѓе“, напиша тој денеска на Телеграм.
Тој додаде дека е неопходно светот да биде пообединет и посилен за да се запрат руските напади.
„Зајакнувањето на нашата противвоздушна одбрана, поддршката на армијата и ефективни безбедносни гаранции кои ќе го спречат враќањето на руската агресија – тоа е она на што треба да се фокусираме. Правдата мора да победи. Ние веруваме во моќта на единството и сигурно ќе го вратиме мирот“, напиша тој.