Влезните билети за квалификацискиот натпревар меѓу машките ракометни репрезентации на Македонија и Словенија ќе бидат пуштени во продажба на 3. март, – објави денеска Ракометната федерација на Македонија.
Балканското дерби ќе се игра во рамките на квалификациите за Европското првенство закажано за 2026 година, а терминот одреден за натпреварот е 12. март од 20:00 часот.
Македонија ќе ги пречека Словенците во салата во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, а влезните билети ќе се продаваат по 200 и 300 денари.
Симболичните цени се гаранција за експресно распродадена сала, што значи дека фановите со нетрпение ќе го очекуваат стартот на продажбата, во понеделник од 12 часот на веб сервисот на МК Тикетс.
Билети ќе можат да се најдат и во продажната мрежа на МК Тикетс низ целата држава.