Опозицијата одржа надзорна расправа во Собранието за аерозагадување, власта ја бојкотираше

Макфакс

25/02/2025

18:35

211

Големина на фонт

а а а

Во Собранието денеска се одржа првата надзорна расправа за ефектите од аерозагадувањето врз здравјето на граѓаните и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје.

Иако официално биле поканети, премиерот Христијан Мицкоски и министрите Изет Меџити, Сања Божиновска и Африм Гаши не се одзвале на поканата. Лидерот на Левица Димитар Апасиев изјави и покрај сите правни перипети и обиди за саботажа одлучил расправата да се одржи денеска.

Граѓанскиот сектор нотира дека недоставуваат стратешки документи за справување со аерозагадување, иако институциите се должни истите да ги изработат. Отсуството на политичка и правна одговорност за централната и локалната власт, несоодветни капацитети на обвинителствата за справување со кривичното дело “ЕКОЦИД”, како и слабото постапување на судовите во делот од еколошкиот криминал – се само дел од институционалните проблеми.

На надзорната расправа свое обраќање имаше и поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина – Ана Петровска. Во своето стручно и исцрпно обраќање, таа особено го нотира проблемот со увоз и горење на нафтени деривати, затоа што институциите немаат капацитет за соодветна контрола на овие енергенси. Петровска потенцира дека итно и неодложно е потребно донесување на: Закон за контрола на индустриските емисии кој е веќе во нацрт-форма и Протокол за контрола на горивата.

На првата надзорна расправа за ефектите од аерозагадувањето врз здравјето на граѓаните и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје присуствуваа само пратениците на опозицијата, односно Левица и СДСМ.