[ВИДЕО] Неутешна мајка го праша Путин: Што и должеше мојот син на својата татковина што мораше да го плати со својот живот?

Точка

25/02/2025

22:20

1.543

Големина на фонт

а а а

Неутешна поради смртта на својот син Валентин (18), Елена од Рибинск му напиша писмо на рускиот претседател Владимир Путин, барајќи објаснување зошто нејзиното дете, кое сè уште било регрут, било испратено на бојното поле во Украина, и покрај официјалните ветувања од Кремљ дека регрутите нема да учествуваат во борбите.

Како дел од задолжителниот воен рок, Валентин бил распореден во областа Курск и стациониран недалеку од границата со Украина. Меѓутоа, во август украинските сили извршиле прекуграничен напад, а еден месец подоцна тој загинал.


„Таму требаше да има специјално обучени луѓе, а не деца“, вели Елена, додавајќи дека нејзиниот син бил далеку од подготвен војник.

„Каков воин е тој? Тој не е воин“, изјави таа за Sky News.

Русија го прогласила Валентин, како и многу други паднати војници, за херој, но тоа не ѝ носи утеха на неговата мајка. Во писмото што го испратила до Путин, таа го поставува клучното прашање: „Што правеа нашите деца таму?“

Таа вели дека никогаш не добила никаков одговор.


„Во тој момент само сакав да го превртам целиот свет наопаку. Кој вели дека регрутите ѝ должат нешто на татковината? Што ја задолжи мојот син толку многу што мораше да го плати со својот живот?“

„Тоа не е живот“

Валентин бил убиен неколку недели пред неговиот 19-ти роденден, по речиси една година воена служба. Бил одличен ученик и можел да го одложи регрутирањето, но инсистирал веднаш да замине.

Во семејниот стан, Елена е опкружена со фотографии од нејзиниот син.

„Сè уште го чекам да се врати дома, иако го видов неговото тело. Понекогаш седам и размислувам какви би биле моите внуци. Невозможно е да се живее вака. Тоа не е живот“, вели таа низ солзи.


Илјадници загубени животи

Руските власти не објавуваат официјални податоци за воените жртви, но британските проценки покажуваат дека повеќе од 750.000 руски војници биле убиени или ранети од почетокот на инвазијата.

Валентин е погребан на гробиштата во предградието на Рибинск, каде што, покрај неговиот гроб, стојат десетици други, обележани со руски знамиња, вклучително и оној на војник кој загинал истиот ден како него.

Иако јавното критикување на војната во Русија е опасно и може да доведе до затворски казни, Елена сака да ги спречи другите мајки да ја искусат нејзината болка.

„Сакам само едно – сите деца да се вратат дома. Сакам да не’ слушнат и да ни ги вратат децата во истата состојба во која ги дадовме, а не ладни во ковчези.“