Владата на денешната седница го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, a истиот, по завршување на владините процедури, ќе биде доставен до Советот за јавни обвинители од каде согласно законските рокови Советот треба да испрати мислење во рок од 15 дена.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.
Министерството за правда верува дека Коцевски треба да биде разрешен заради како што наведуваат, низа скандали, нарушена функционалност, корупција и нарушени меѓучовечки односи во Јавното обвинителството. Имало и сомнежи за пристрасно постапување и судир на интереси во предмети за кои тој не се изземал.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно порачува дека Коцевски треба да биде разрешен бидејќи, како што велат, тој е дел од политичката архитектура на СДСМ и ДУИ во судството, но и незаконски поставува и разрешува кадри. Опозициската СДСМ е против неговото разрешување, сугерирајќи дека тоа би било партизација во обвинителството.
Коцевски пак рече дека самиот ќе се повлече доколку се утврди дека направил тешка дисцилинска постапка, но засега, од она што се споменува во јавноста, увререн е дека не е направено такво нешто за време на неговото работење.