Ротаријанците во Македонија одбележаа 120 години ротаријанство во светот: Најмногу добива тој што најдобро служи

Точка

25/02/2025

13:13

652

Големина на фонт

а а а

Македонските ротаријанци викендов одбележаа 120 години ротаријанство во светот потенцирајќи дека „најмногу добива тој што најдобро служи“.

Прославата беше своевиден „римејк“ на духот на времето од почетоците на ротаријанството на нашите простори, односно беше конципирана според сценариото од 100-тата седница на скопскиот Ротари клуб, кој бил активен во Скопје во 30-тите години на минатиот век, а за кој сведочат новинските написи во тогашниот весник „Вардар“. Покрај традиционалната свечена церемонија на удирање на ротаријанското ѕвоно и интонирање на химните, како и пригодните говори, свои настапи со прекрасната музика на Жил Масне, Клод Дебиси, Габриел Форе и Ѓузепе Верди имаа Сара Илиевска, студент по виолончело на Факултетот за музичка уметност во Скопје, од класата на професорот Живко Фирфов - активен ротаријанец, потоа проф. д-р Ана Гацева од ФМУ - Скопје, којашто ги придружуваше сите солисти, сопранот Јаворка Витанова од Националната опера и балет и Маја Чаначевиќ, инструменталистка на англиски рог од Македонската филхармонија и долгогодишна искусна ротаријанка од Ротари клубот Скопје Водно. Покрај нив, со познати дијалози од антологиските претстави „Сомнително лице“ на Бранислав Нушиќ и „Бегалка“ на Васил Иљоски, се претставија врвните актери од Театар Куманово, Кети Дончевска Илиќ и Горан Илиќ. За крај, сите присутни можеа да уживаат во музиката на џез квартетот во состав: Џон Илија Апелгрен - вокал, Гордан Спасовски - пијано, Кирил Туфекчиевски - контрабас и Виктор Филиповски –тапани.


На настанот, свое обраќање имаа Гувернерот на Дистриктот 1912, Словенија и Северна Македонија, Мирослав Штравс, највозрасниот активен Ротаријанец од најстариот клуб РК Скопје, Сашо Делиниколов, минатиот Гувернер и прв Гувернер на Дистриктот, од редовите на македонските клубови, Раде Христовски, активен член на Ротари клуб Битола и секако Елена Панова, координатор на Сојузот на ротари клубови во Македонија и прв асистент на Гувернерот на Дистриктот, Мирослав Штравс.

Конферансие на настанот беше Бранка Костиќ-Марковиќ, активна ротаријанка од Ротари клуб Скопје Запад, која се погрижи за организација на уметничката програма и на врвен начин ја долови атмосферата од 100-тата седница од скопскиот ротари клуб која се случила во 1932 година, во култниот скопски хотел „Бристол“, а со која претседавал познатиот архитект, творецот на урбанистичкиот план и за многумина најдобриот градоначалник на Скопје, Јосиф Јурукоски Михајловиќ.


Ротаријанскиот дух во Македонија е реафирмиран во почетокот на деведесеттите години од минатиот век преку самопрегорната работа на проф. Димитар Јуруковски кој, според Делиниколов, највозрасниот активен Ротаријанец, не штедел време, енергија и ресурси во интерес на Ротаријанските начела. „Благодарение на тоа, во 1995 година повторно се формираше клубот во Скопје од страна на ентузијасти и истакнати индивидуалци со различна професија, возраст, вероисповест и национална припадност. Прв Претседател на возобновениот клуб беше Димитар Јуруковски, кој почина минатата година. Работата беше тимска и со посветеност за нашата татковина да се направи подобро место за живеење преку авениите на служење на Ротари интернационал во клубот, професијата, заедницата, меѓународните односи и грижата за младите“, заклучи Делиниколов.

Визијата на Ротари е да гради свет во кој луѓето се здружуваат и делуваат за да создадат трајни вредности и да помагаат во секојдневното живеење со мотото „Служење над сопствените интереси“ и „Најмногу добива тој што најдобро служи“. Ротари ова го остварува преку негување пријателства што овозможуваат помагање еден на друг, високи етички и морални принципи во приватниот и професионалниот живот, поттик кон одговорно дејствување во приватниот, професионалниот и јавниот живот на сите Ротари членови и негување добра волја разбирање и мир меѓу народите. „Да не се плашиме да сонуваме големи соништа и да поставуваме високи цели“, заклучи Штравс.


„Нашата мисија е да се залагаме за служење на заедницата, јакнење на интегритетот, поттикнување и унапредување на глобалното разбирање, добрата волја и мирот, преку поврзување на угледни претставници од различни општествени, професионални и стручни области, без разлика на возраст, пол или светоглед“, изјави Штравс.

Елена Панова, координатор на Сојузот на Ротари клубови во Македонија, кој беше организатор на настанот, истакна дека Ротари не се мери побројот на реализирани проекти и настани, ниту по средства кои се собрани, туку влијанието на Ротари се мери по бројот на луѓе до кои ќе допре, животите кои ќе ги инспирира, како и промените кои ќе ги поттикне. „Верувам дека и понатаму како Ротари заедница во нашата земја ќе останеме посветени на заложбите да продолжиме да правиме позитивни промени во општеството“, истакна Елена.

Творците на модерното Ротари, проф. д-р Димитар Јуруковски и Академик Глигор Каневче - основоположникот на првиот Ротари клуб во Битола, но и Јосиф Михајловиќ – Јурукоски, првиот претседател на првиот Ротари клуб на нашата територија, добија постхумно награди за животно дело, со благодарност и почит за визијата, посветеноста и неуморниот придонес во основањето и развојот на Ротари во Македонија. Наградите во нивно име ги примија нивните потомци.