Вучевиќ: Акцијата во Ниш покажа дека нема заштитени лица

Макфакс

24/02/2025

20:40

302

Големина на фонт

а а а

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ вели дека е добро за Ниш и за сите жители на Ниш што е спроведена голема антикорупциска акција и дека се видело дека нема заштитени лица.

На прашањето за апсењето на уште тринаесет лица во Ниш, Вучевиќ им рече на новинарите во Заечар дека останува да се види како обвинителството ќе го квалификува случајот, односно дали се работи за организирана криминална група или дали се работи за поединци или помали групи осомничени за сторени кривични дела.

„Неспорно е дека беше голема акција во Ниш, не знам дека сме имале акција од таков обем и гледате дека нема заштитени лица. Ќе ви кажам како претседател на партијата, не ми е удобно Драгана Сотировска да биде член на претседателството на партијата, Горан Весиќ да биде член на претседателството на партијата, Јелена Танасковиќ да биде член на претседателството на партијата. Не партиски, туку членови на претседателството на партијата. Двајца од нив се обвинети, па се чека да се види дали ќе стапи на сила обвинението за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Ја имате поранешната градоначалничка на Ниш која е под истрага, односно е приведена“, рече Вучевиќ.

Тој додаде дека судот ќе утврди дали некој е виновен или не, односно одговорен за она за што го обвинува обвинителството.

Одговарајќи на прашањето дали актуелниот општествен контекст на некој начин влијаел на брзината на работа, пред се на вишото обвинителство во Ниш, а потоа и на другите правосудни органи, тој рече дека атмосферата во општеството секогаш создава одредени процеси, но дека не смета дека тоа е пресудно во овој случај и посочи дека тоа се постапки кои се подготвувале долго време.

„Тоа се прекршоци кои се подготвуваат подолго време, односно станува збор за обвинителски истраги. Не може некој да организира пар состаноци, протести, па вие набрзина правите се. Очигледно обвинителството долго време ги подготвуваше своите активности“, рече Вучевиќ.

Премиерот вели дека претходно се најавуваше засилена борба против корупцијата, но тоа не треба и нема да го одвлече вниманието од трагедијата што се случи во Нови Сад. Како што истакна, оваа тема е сè уште во фокусот, пред се во однос на обвинението и тоа што Обвинителството за организиран криминал ја презело истрагата за можни коруптивни дејствија околу изградбата на пругата Белград – Нови Сад – Суботица.

– Не само за станицата во Нови Сад, туку за целиот инфраструктурен проект. Тоа се болни, но лековити работи. Лековити работи за сите, пред се за целото општество, добри работи за државата, тешки работи, не секогаш пријатни, но неопходни – заклучи Вучевиќ.