Во Франција денеска почна судењето на поранешниот лекар Жоел Ле Скварнек, обвинет за силување или сексуално злоставување на 299 луѓе, главно деца, кои беа негови пациенти повеќе од три децении.
За време на четиридневното судење, кое се одржува во градот Ван во Бретања, 74-годишниот Ле Скуарнек ќе се соочи со стотици свои жртви, пренесува АП.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до 20 години, покрај 15-годишната казна што веќе ја отслужува откако беше прогласен за виновен во 2020 година за силување на дете. Адвокатот на лекарот, Максим Тесије, пред судот изјави дека неговиот клиент ја прифаќа одговорноста за повеќето обвиненија против него.
Некои од жртвите на Ле Скуарнек не се сеќаваат на нападот бидејќи во тоа време биле под анестезија. Многу жртви, иако не се сеќавале на нападите, опишуваат дека се чувствувале депресивно, иако не ја знаеле причината за тоа.
Случајот со поранешниот лекар почна да се расплетува во 2017 година, кога шестгодишно девојче кое живее до него рече дека тој ја допрел низ оградата меѓу нивните имоти.
Потоа следеше претрес во куќата на Ле Скуарнек при што беа откриени повеќе од 300.000 фотографии, 650 видео фајлови со педофилска содржина, како и дневници во кои тој детално ги опишал своите активности, покажуваат судските документи.
Тој беше осуден во 2020 година за силување и сексуален напад на четири деца, вклучително и две негови братучеди, и беше осуден на 15 години затвор.
На судењето во Ван ќе бидат разгледани случаите на силување извршени од него во периодот од 1989 до 2014 година против 158 мажи и 141 жена, кои во тоа време во просек имале 11 години.
Лекарот сексуално злоставувал и момчиња и девојчиња кога биле сами во болничките соби, покажуваат документите од истрагата.
Ле Скуарнек веќе еднаш во 2005 година беше осуден за поседување материјал за злоупотреба на деца и доби условна казна од четири месеци, но и покрај тоа следната година беше назначен за општ лекар во болница.