Во неделата се случи 31. доделување на филмските награди на Здружението на филмските актери – САГ, на кое беа доделени признанија за одличноста на професионалците од филмската и телевизиската индустрија.
Филмот „Конклава“ („Conclave“) беше големиот победник на вечерта, освојувајќи ја наградата за најдобра актерска екипа и дополнително ја „заплетка“ трката за Оскарите. Драмата, која се фокусира на интригите меѓу кардиналите при изборот на нов папа, продолжи со доминацијата во сезоната на награди, откако претходно ја освои и наградата БАФТА за најдобар филм.
Покрај „Конклава“, вечерта донесе значајни победи и за Деми Мур и Тимоти Шаламе, кои сега се сметаат за главни фаворити на претстојното доделување на Оскарите, пренесе Би-би-си.
Деми Мур и Тимоти Шаламе прогласени за најдобри актери
Иако не освои други награди, победата во најзначајната категорија му дава силна предност на филмот „Конклава“ пред 2 март, кога ќе бидат доделени Оскарите. Годинашната трка за најдобар филм е крајно неизвесна, со различни победници на претходните награди.
Актерот Рајф Фајнс, кој ја прими наградата во име на актерската екипа, му се заблагодари на режисерот Едвард Бергер за „перцепцијата, увидот и грижата“.
Во една од најтесните трки за најдобра актерка, Деми Мур победи за улогата во хорор-трилерот „Супстанцијата“ („The Substance“), каде што ја игра улогата на инструкторка по аеробик која прибегнува кон експериментален лек за да остане млада.
„Оваа награда е многу значајна за мене“, изјави Мур, присетувајќи се како првата САГ членска картичка на 15-годишна возраст ѝ го променила животот.
„Бев дете без насока, но гледав, слушав и учев од сите вас. Вие сите ми бевте најголемите учители“, додаде таа.
Од друга страна, Тимоти Шаламе приреди изненадување освојувајќи ја наградата за најдобар актер за улогата на Боб Дилан во „Целосно непознат“ („A Complete Unknown“).
„Ова беше најголемата чест во мојот живот,“ рече Шаламе, додавајќи дека пет и пол години работел на оваа улога.
Киран Калкин триумфираше во категоријата најдобар спореден актер за „Вистинска болка“ („A Real Pain“), а Зои Салдана продолжи со победничкиот низ за најдобра споредна актерка, благодарение на улогата во шпанскиот мјузикл „Емилија Перез“ („Emilia Pérez“).
„Горда сум што сум дел од приказна што зборува за вистината и љубовта“, рече Салдана.
Џејн Фонда ја доби наградата за животно дело
Што се однесува до телевизиските категории, серијата „Шогун“ („Shōgun“) освои три награди, а Колин Фарел беше награден за најдобра машка улога во лимитираната серија „Пингвинот“ („The Penguin“).
Британката Џесика Ганинг победи за улогата во британската мини-серија „Малиот ирвас“ („Baby Reindeer“), а „Само убиства во зградата“ („Only Murders in the Building“) победи во категоријата најдобра комедија.
Посебен момент на вечерта беше наградата за животно дело, која ја доби актерката Џејн Фонда.
„Не смееме да се изолираме. Мора да останеме обединети, да им помагаме на ранливите и да проектираме инспиративна визија за иднината“, изјави таак, истакнувајќи ја важноста на заедницата и синдикатите.
Победниците во сите категории можете да ги прочитате тука.