САД предложија своја резолуција на ОН за Украина, спротивставувајќи се на европската

Макфакс

22/02/2025

08:39

1.284

Големина на фонт

а а а

Соединетите држави во петокот претставија нацрт-резолуција на Обединетите нации по повод третата годишнина од руската инвазија во Украина, спротивставувајќи се на напорите на Киев и неговите европски сојузници нивниот текст да биде усвоен на Генералното собрание во понеделник.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги започна напорите да стави крај на војната во Украина, што ги влоши односите со украинскиот претседател Володимир Зеленски и доведе до загриженост кај европските сојузници дека Киев и Европската унија би можеле да бидат исклучени од мировните преговори.

Краткиот нацрт од три параграфа на американската резолуција, во кој увид имала агенцијата Reuters, изразува жалење за загубата на животи во „руско-украинскиот конфликт“ и повторува „дека примарна цел на Обединетите нации е одржување на меѓународниот мир и безбедност и решавање на споровите со мирни средства“.

Нацртот, исто така, „апелира за брз крај на конфликтот и дополнително повикува на долготраен мир меѓу Украина и Русија“.

Русија предложи измена на таа реченица, кој исто така го видел Reuters, за таа да би гласела „апелира за брз крај на конфликтот, вклучително и за занимавање со основните причини, и дополнително повикува на долготраен мир меѓу Украина и Русија“.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, го опиша американскиот нацрт како „добар потег“.

Руски дипломат, кој наводно се согласил да зборува за Reuters под услов да остане анонимен, рекол дека Москва ќе гласа за американската резолуција доколку рускиот амандман биде усвоен на Генералното собрание.

Небензија рече дека бил информиран од САД пред нацртот да биде испратен до Генералното собрание кое брои 193 членки.

Генералното собрание ќе се состане во понеделник за да гласа за текстот на Украина и Европската унија, кој повикува на „деескалација, брз прекин на конфликтот и негово мирно решавање во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право“.

Европските амбасадори во ОН најавија состанок ноќта кон саботата по средноевропско време на кој требаше да се разговара за потегот на САД, рекле неименувани дипломати.

Украина и ЕУ во текот на изминатиот месец преговараа со земјите-членки на ОН.

Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина и го одразуваат глобалниот однос кон војната. Ниту една земја нема право на вето во собранието.

Украинскиот и европскиот текст, кој го видел Reuters, „ја повторува итната потреба да се стави крај на војната оваа година и да се удвојат дипломатските напори за да се намали ризикот од понатамошна ескалација и да се постигне сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“.

Текстот на резолуцијата, се чини, дека е малку поблаг во споредба со претходните активности на Генералното собрание. Тој не ја критикува Русија тоа директно, туку само зборува за „агресија“, забележува Reuters.

Во резолуцијата усвоена непосредно по почетокот на војната, со 141 глас „за“, се изразуваше жалење „најостро за агресијата на Руската Федерација“.

Украинскиот и европскиот текст зборува за потребата од спроведување на претходните резолуции на ОН, кои бараа Русија да ги повлече своите сили од меѓународно признатата територија на Украина и Москва да престане со нападите.

Генералното собрание усвои шест резолуции за војната во првата година од конфликтот, критикувајќи ја Москва и барајќи од Русија да ги повлече сите свои војници.

Резолуцијата од октомври 2022 година, која го осудува рускиот „обид за нелегална анексија“ на четири украински региони, беше поддржана од 143 земји-членки.

Тројца дипломатски извори изјавија за Reuters во четвртокот дека Соединетите држави одбиваат да коспонзорираат украинска нацрт-резолуција со која се поддржува територијалниот интегритет на Киев и се осудува руската агресија.

САД ги коспонзорираа речиси сите резолуции на ОН за поддршка на Украина против Русија во најголемиот конфликт на европско тло од Втората светска војна.