Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека Русија имала „сериозни безбедносни причини“ да изврши инвазија на Украина.
„Никој не спори дека руската употреба на воена сила во Украина е кршење на меѓународното право. Меѓутоа, Русија имаше сериозни безбедносни причини за тоа бидејќи долго време беше држена во заблуда за проширувањето на НАТО“, рече Фицо на Конференцијата за политичко дејствување во САД.
„Конфликтот можеше да заврши набргу по неговото започнување“, додаде тој. Во својот 15-минутен говор, Фицо ги поддржа и неодамнешните критики на американскиот претседател Доналд Трамп кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека на Зеленски „всушност му е потребна оваа војна“ за да остане на власт.
Тој се осврна и на тврдењето на Трамп дека Зеленски е диктатор. „Кога има војна, не може да има демократски избори… Кога има војна, тешко е да се истражи каде завршиле огромен дел од средствата дадени на Украина“, рече Фицо.
Тој тврди дека „апсолутното мнозинство“ од земјите-членки на Европската унија, освен Словачка и Унгарија, „ја поддржуваат идејата дека војната во Украина треба да се искористи за политичко и економско ослабување на Русија“. „Украина беше жртва на лоша стратегија“, убеден е тој.
Тој, исто така, го обвини Брисел дека „се турка на американско-руската преговарачка маса и покрај тоа што три години отворено ја поддржува војната во Украина“. „Европа во секој случај треба да му помогне на американскиот претседател што поскоро да ги прекине бесмислените убиства во Украина, а не да го попречува во постигнувањето на таа цел“, нагласи тој.
Овој говор доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Фицо и Зеленски. Фицо, кој одржува пријателски врски со Русија, му се закани на Киев по прекинот на транзитот на рускиот гас преку украинска територија на 1 јануари. Во својата изјава на 28 јануари, Фицо го нарече Зеленски „непријател“ на Словачка.