Амир Џардан (38) и неговата свршеница Рут Мур (27) од Дорчестер, Англија, пребаруваат низ контејнери за ѓубре барајќи работи кои сè уште се употребливи. Тие рекоа дека на тој начин заштедуваат речиси 11 илјади евра годишно.
Парот додаде дека на овој начин наоѓаат и патики, луксузни парфеми, дизајнерска облека и електронски уреди кои Амир може да ги поправи. Исто така и својот стан го опремиле со работи кои ги пронашле во ѓубре.
Двојката, која има две деца на возраст од седум и пет години како и шестмесечно бебе, дури и фрижидерот го полнат со намирници кои ги пронаоѓаат во контејнерите, како леб, тестенини, чоколадо и чипс, трошејќи само 60 евра неделно за купување намирници.
Амир: Тоа е како лов на богатство
Објаснија дека поминуваат и до девет часа неделно претурајќи по канти за ѓубре.
„Секогаш кога одиме, нѝ се зголемува адреналинот, не можеме да запреме. Никогаш не знаеш што ќе пронајдеш – тоа е како лов на богатство. Веќе речиси ништо не купуваме по полна цена, бидејќи трошоците за живот се повисоки од кога било“, рече Амир.
Некои работи донираат во добротворни цели
„Сè што не планираме да користиме или чуваме, го донираме во добротворни цели“, додаде тој. Амир исто така истакна дека тие ги учат своите деца на вистинската вредност на нештата. „Се надевам дека еден ден ќе започнам програма во училиштата и ќе ги учам децата зошто „нуркањето“ во контејнери е одлично хоби и ресурс“, додаде Џардан.
„За време на нашето прво „нуркање“ најдовме еден куп мебел и така успеавме да го преуредиме нашиот дом. Потоа се префрливме на храната и веќе не се свртевме назад“, рече Рут и додаде: „Не постои ништо што не можеме да набавиме, освен месото. Таму ја повлекуваме линијата“.