Маск го претстави "Grok 3", тврди дека е подобар од "ChatGPT": „Најпаметниот AI на Земјата“

Точка

18/02/2025

13:32

1.669

Големина на фонт

а а а

Компанијата за развој на вештачка интелигенција "xAI", во сопственост на Илон Маск, го претстави својот најнов "AI" модел "Grok 3", за кој тврди дека е подобар од "ChatGPT" на компанијата "OpenAI".

Маск изјави дека "Grok" е „најпаметниот "AI" на Земјата“, а тестирањата на "xAI" покажале дека моделот има подобри перформанси во областа на науката, математиката и програмирањето во споредба со "ChatGPT," како и со "Google Gemini", "DeepSeek "и "Claude "на "Anthropic".

Милијардерот Маск, кој е и извршен директор на "SpaceX" и "Tesla", во пренос во живо изјави дека "Grok 3" има „повеќе од десет пати“ поголема компјутерска моќ од претходната верзија на "Grok".

"xAI" потврди дека "Grok 3" ќе биде достапен за "Premium+" претплатниците на "X", социјалната платформа што исто така е во сопственост на Маск. Моделот ќе биде дел од новата претплата наречена "SuperGrok", која ќе вклучува пристап преку мобилна апликација и веб-страница.


Тврдењата на Маск дека "Grok" е супериорен во однос на "ChatGPT", кои сè уште не се независно проверени, дополнително го засилуваат неговото ривалство со "OpenAI" и неговиот извршен директор Сем Алтман.

Маск претходно поднесе две тужби против "OpenAI", тврдејќи дека компанијата ги напуштила своите основачки принципи за непрофитност. Минатата недела понуди да ја купи компанијата за 97,4 милијарди долари, но Алтман и одборот на "OpenAI" ја одбија понудата.


Маск беше еден од основачите на "OpenAI", но ја напушти компанијата во 2018 година и оттогаш сè повеќе ја критикува нејзината работа и раководство.

Алтман ја одби понудата на Маск, нарекувајќи ја тактика за забавување на конкуренцијата во областа на вештачката интелигенција, која сè уште е доминирана од големите американски компании. Сепак, минатомесечното појавување на "DeepSeek" како поевтина кинеска алтернатива ги разниша овие перцепции.

Тоа, сепак, не ја намали желбата за инвестирање во компании за вештачка интелигенција.


Според извештаите, "OpenAI" преговара за собирање околу 40 милијарди долари во нов инвестициски круг, што би ја зголемило вредноста на компанијата на околу 300 милијарди долари.

Во меѓувреме, се наведува дека "xAI" преговара за собирање околу 10 милијарди долари, што би ја проценило вредноста на компанијата на околу 75 милијарди долари.