Касемиро доживува навистина непријатни моменти како член на Манчестер Јунајтед и комплетно е запоставен од менаџерот Рубен Аморим, кој вчера едноставно сепак мораше да го селектира искусниот Бразилец поради големиот број повредени фудбалери.
Играчот за врска вчера го имаше првиот старт во последните два месеци и дефинитивно не може да биде задоволен од тоа што му се случува на „Олд Трафорд“, а во период во кој ќе мора да носи сериозна и важна одлука за својата иднина, реши да ги отвори вратите од својот дом во Манчестер за угледниот „АС“.
Познатиот шпански медиум му одработи ексклузивно интервју на Касемиро и го наврати на најславните денови кои ги доживеа како член на Реал Мадрид, клуб во кој имаше далеку поинаква и поуспешна историја од онаа на театарот на соништата.
Касемиро беше клучен фактор во играта на Реал и беше дел од неверојатно партнерство со Модриќ и Крос во средниот ред, па додека се навраќаше на моментите кои никогаш нема да ги заборави, откри и една досега непозната анегдота од соблекувалната на Реал.
– Ќе ви откријам една работа која ја немам кажано во ниту едно интервју досега, со тоа ќе се обидам да ви ја доловам големината на Реал Мадрид. Реал има 15 титули во Лигата на шампиони, но веќе сите размислуваат на 16-та. Се сеќавам во мое време, бевме во соблекувалната по осовената титула во ЛШ против Атлетико Мадрид, натпреварот на кој победивме на пенали.
– Ја славевме 11-та титула во Лигата на шампиони, а потоа пристигна Модриќ и со својот специфичен шпански јазик ни се обрати со следното: Пријатели, сега мора да освоиме уште две титули во Лигата на шампиони!
– Ние му одговоривме дека освоивме две во многу краток период, но тој возврати дека овој тим треба да се искористи за да се испише историја со уште две титули во низа. Така ја освоивме 12-та во Кардиф, а потоа и 13-та во Киев, освоивме три титули едно по друго. Модриќ го знаеше тоа, тој беше пред времето….. Така е во Мадрид, на денот кога ја освојувате Лигата на шампионите, веќе се размислува за следниот трофеј. Кога во Реал ја освојувате Ла Лига, ви велат дека ви недостасува европската титула, дека не сте направиле ништо посебно. Кога ќе ја освоите само титула во ЛШ, ви велат дека сезоната била катастрофална. Тоа е Реал Мадрид, барањата се на највисоко можно ниво, – појаснува Касемиро.