САД ги прашуваат Европејците какви безбедносни гаранции им се потребни за Украина, објави „Ројтерс“

Макфакс

16/02/2025

17:21

2.400

Големина на фонт

а а а

САД испратиле прашалник до европските сојузници, барајќи од нив детални предлози за оружјето, мировните трупи и безбедносните аранжмани што би можеле да му ги дадат на Киев како дел од безбедносните гаранции што би можеле да се договорат за ставање крај на руската инвазија.

Во документот, кој се состои од шест точки и прашања, се бара и од европските земји да наведат кои држави би можеле да учествуваат во обезбедувањето безбедносни гаранции, кои би биле подготвени да испратат војници во Украина како дел од мировниот договор и колкава би била големината на потенцијалните европски мировни сили.

Се поставува и прашањето што би биле подготвени владите да направат за да ги зајакнат санкциите против Русија, вклучително и построго спроведување на постоечките мерки, пренесе „Ројтерс“.


Новинските куќи, вклучително и Ројтерс, во саботата објавија дека САД испратиле документ во кој ги прашуваат европските влади што можат да придонесат за безбедносните гаранции, но целосниот текст што го доби Ројтерс покажува дека САД исто така прашуваат што ќе им треба од Вашингтон за да можат да придонесат.

Тој елемент ќе биде поздравен од многу европски влади, кои јасно ставија до знаење дека можат да обезбедат безбедносни гаранции само со поддршка од САД.

„Кои барања за американската поддршка, доколку ги има, вашата влада смета се неопходни за учество во овие безбедносни аранжмани? Поточно, кои краткорочни и долгорочни американски ресурси ги сметате за неопходни? е едно од прашањата во прашалникот.

„Ако воените сили од трети земји треба да бидат распоредени во Украина како дел од мировниот договор, каква големина на таква европска сила би сметале за неопходна? Како и каде ќе бидат распоредени овие сили и колку долго? е второто прашање.

„Кои дополнителни способности, опрема и опции за одржување е подготвена да и’ ги обезбеди вашата влада на Украина за да ја подобри својата преговарачка позиција и да го зголеми притисокот врз Русија?“, се наведува и во прашалникот.

Двајца европски дипломати изјавија за Ројтерс дека сè уште има дебата за тоа како ќе одговорат европските престолнини, но некои веруваат дека одговорот треба да биде колективен.