Македонската кошаркарка Едина Муса е во 40. недела од бременоста и со нетрпение го очекува новиот член во нивното семејство, синот Максим.
Таа редовно споделува моменти од својот приватен живот, каде што можеме да забележиме колку е физички активна и како воопшто не го занемарува здравиот начин на живот и спортот дури ни во поодминатата бременост. По прекрасните свадбени фотографии, овојпат таа изненади со нежна и емотивна семејна фотосесија, на која е заедно со сопругот Александар Димитровски – Мачка и нивните домашни миленичиња.
Посебно внимание привлекоа фотографиите каде што трудничкото стомаче е во фокус, симболизирајќи ја новата животна приказна што наскоро ќе започне.
Фотосесијата ја реализираше Драгана Николоска, фотографка специјализирана за мајчинство и семејни фотографии.
„Драгана, ти благодарам за преубавата фотосесија на која ќе ѝ се навраќам цел живот. Ова не се само мои фотографии, ова се и моменти кои ќе останат врежани во мене до крајот на мојот живот“, напиша Муса во објавата.
Да потсетиме, парот го изговори судбоносното „да“ кон крајот на минатата година, а неколку месеци претходно ја соопштија среќната вест дека ќе станат родители на момче, кое ќе го носи името Максим.
Димитровски претходно беше во брак со пејачката Тамара Тодевска и со неа има две деца – ќерката Хана и синот Дарен.