По завршувањето на спектакуларниот настап на светски познатиот диџеј Дејвид Гета во Скопје, забавата за дел од публиката продолжила и надвор од Националната арена „Тодор Проески“.
Имено младите се собрале пред арената, каде што електронската музика ја замениле со македонски песни и оро.
На социјалните мрежи се проширија бројни снимки на кои се гледа како посетителите по концертот играат оро на песни како „Бисер балкански“, „Свадба е голема“ и „Македонско девојче“, а во еден момент се слушнала и „Чаје Шукарије“.
Необичниот премин од голем електронски спектакл во традиционално оро предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
Дел од корисниците со хумор коментираа за начинот на кој македонската публика ја продолжила вечерта, а меѓу реакциите се појави и коментарот: „Ко сме се запиле на Гета, па и на оро ја свртивме“.
Концертот на Гета беше организиран во рамки на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија. Според информациите од организаторите, на распродадениот концерт присуствувале околу 50.000 луѓе.
Инаку атмосферата почнала да се загрева уште од 20 часот со настапите на домашните диџеи Семпре и Никифор, кои во своите сетови вклучиле и бројни ремикси на македонски поп-хитови, во духот на празничната вечер.
Потоа следувала кулминацијата.
Гета го донел своето стадионско шоу „Монолит“, со огромна сценографија, моќна продукција, ласери, пиротехника и визуелни ефекти кои го претворија стадионот во огромен клуб под отворено небо.

На почетокот на настапот славниот диџеј ѝ го честитал „роденденот“ на нашата земја со зборовите „Среќен роденден, Македонија“, што предизвика силни овации од публиката. Во текот на вечерта уште неколкупати ја нарекол земјата Македонија.

„Ви благодарам, Македонијо. Немав никакви очекувања за тоа како ќе си поминам тука вечерва и навистина уживав“, им порачал Гета на присутните. За самиот крај, тој приредил изненадување - премиерно го пуштил своето ново музичко остварување, кое официјално треба да биде промовирано пред светската публика во петок.
Македонската публика во текот на изминатите години имала можност да присуствува на бројни големи диџејски настапи на различни локации – од плоштади и сали до хиподроми и простори на отворено. Сепак, досега во земјава не била видена продукција од вакви размери на стадион, пред публика од околу 50.000 луѓе.

Позитивни реакции предизвика и организацијата на настанот. И покрај големата посетеност, движењето на публиката, обезбедувањето и целокупната логистика се одвивале без поголеми проблеми, а посетителите во текот на вечерта имале чувство на сигурност.
Фото: Екран.мк














