Сретење, најважниот ден во историјата на Србија, како што последниве години се нарекува Денот на државноста на Србија (15 февруари), денеска има две лица.
Стотици студенти пешачеле, трчале или возеле велосипед од Белград, Нови Сад и Ниш, поминувајќи околу 150 километри за четири дена низ десетици градови и села каде што мештаните ги пречекале гостопримливо и ги поздравувале.
Меѓутоа синоќа Крагуевац ги пречека со црвен килим, медали и песна, ден пред големата акција „Да се сретнеме на Сретење“, која ќе трае 15 часа, симболично оддавајќи им почит на 15-те жртви од смртоносното уривање на настрешницата во Нови Сад на 1 ноември.
Од друга страна околу 200 километри северно, српскиот претседател Александар Вучиќ ќе им се обрати на членовите на владејачката Српска напредна партија и нејзините коалициски партнери и поддржувачи во Сремска Митровица, на собир на кој, како што е најавено, ќе биде усвоена политичка декларација за Војводина во Србија. Претходниот собир на владејачката коалиција на кој се обрати Вучиќ се одржа во Јагодина на 24 јануари, истиот ден кога студентите повикаа на генерален штрајк.
Инаку денот на државноста на Србија се слави како државен празник од 2002 година, во спомен на 15 февруари 1804 година, кога се одржа Првото српско востание, и Сретење во 1835 година, кога е донесен Сретењскиот устав.
Од друга страна повеќедневната протестно пешачење е најрадикалната акција на студентите од цела Србија досега, со цел да се изврши притисок врз властите да ги исполнат нивните барања, пред сè да се утврди одговорноста за уривањето на настрешницата во Нови Сад.
Илјадници студенти и нивни поддржувачи се собраа во Крагуевац, поранешната престолнина Србија, на еден од најголемите протести поради трагедијата во Нови Сад.
Во текот на трите месеци откако загинаа 15 луѓе поради уривањето на покривот на ново реновираната железничка станица во Нови Сад, масовните демонстрации против корупцијата се проширија низ Србија, и станаа најголемото протестно движење во земјата во последниве години.
Многу демонстранти ја обвинуваат корупцијата во владата за трагедијата во Нови Сад, но власта негира.
„Тука сме да се бориме за подобро утре, против корупцијата“, рече 20-годишниот Јован, кој од Белград пристигнал во Крагуевац со група пријатели.
„Ја сакам мојата земја и сакам моите деца да растат овде“, изјави тој за Ројтерс.
Почеток на студентска блокада во Крагуевац
Со пристигнувањето на големата студентска колона и собирањето на граѓаните, утрово во 9 часот започна 15-часовната блокада во Крагуевац.
Студенти од различни универзитети во Србија, некои сè уште уморни од пешачење, пристигнаа на местото на почетокот на блокадата со звукот на тапаните и свирежите, носејќи транспаренти и веејќи знамиња.
Поставени се шатори под кои се подготвува храна, се поставува вода и други пијалаци, се готви грав, се пали „смедеревац“ – познатиот шпорет и се пали скарата.
„Тука сме да ги поддржиме сите овие деца кои пешачеа од Нови Сад, Белград, Ниш, Чачак, Краљево, Нови Пазар и многу други градови. Тие сега сами си ја создаваат сопствената иднина“, изјави Слободан од Крагуевац за Би-би-си од штандот каде што подготвуваат гулаш.
Вучиќ правеше сендвичи пред митингот во Сремска Митровица
Додека во Крагуевац трае неколкучасовна студентска блокада, во Сремска Митровица во тек се подготовките за собирот на Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна партија.
Обраќањето на Вучиќ е најавено за 17 часот во салата во Сремска Митровица, а исто така ќе се обрати и претседателот на република Српска, Милорад Додик.
Исто така во Сремска Митровица почнаа да пристигнуваат автобуси со поддржувачи на СНС.
Од друга страна, Вучиќ на својот инстаграм профил објави видео како прави сендвичи пред митингот.
„Решив да подготвам 20 сендвичи и тоа ќе биде мојот подарок за луѓето кои одат во Сремска Митровица“, рече тој, стоејќи во кујната со престилка.
Противниците на Вучиќ со години навредливо ги нарекуваат неговите поддржувачи „сендвичари“, критикувајќи ги дека, како што велат, „се продаваат за сендвичи“.
Тој во снимката рече и дека во владејачката партија се знае кој што плаќа и какви трошоци сноси.
„Она што е најважно: тие не се платени од УСАИД или НЕД (американски организации) или од кој било друг. Затоа кај нас нема гозба, малку шунка, паризер и мислам дека луѓето ќе бидат многу задоволни“, рече Вучиќ.
Инаку американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и српските власти соработуваа на различни проекти речиси четвртина век.
Со парите на УСАИД се реновирани и изградени училишта, здравствени домови, градинки, патишта, месни заедници, мостови, набавена медицинска опрема, инвестирано во локалните заедници, обучени јавни службеници и беше помогната реформата на судството.
УСАИД, исто така, ја финансираше изработката на веб-страници на одредени државни институции, како што е Владата на Србија.
Агенцијата во изминатите години соработуваше со државните институции, приватниот сектор, граѓанските организации и медиумите, главно локални.
Студентски поход до Крагуевац
По повеќе од сто километри пешачење, плускавци, грчеви, солзи, но и смеа и песни, студентите кои пред четири дена тргнаа од различни делови на Србија доцна на 14 февруари пристигнаа во Крагуевац.
Нив ги пречекаа студенти и бројни крагуевчани, кои им поставија црвен килим во центарот на градот, каде денска се одржува големиот протестен митинг „Да се сретнеме кај Сретење“.
Студентите пристигнаа во „срцето на Шумадија“ во повеќе групи и од различни правци – Ниш, Белград и Нови Сад, Краљево, Ужице, Чачак и Нови Пазар.
Некои трчаа, некои пешачеа, една група пристигна на велосипеди, а домаќините им подарија цвеќе и медали.
Инаку трагедијата во Нови Сад предизвика масовни студентски протести, кон кои се приклучија и жителите на многу градови во Србија.
Студентите речиси три месеци ги блокираат факултетите и организираат разни улични протести, барајќи одговорност за уривањето на настрешница на неодамна реконструираната железничка станица во Нови Сад.
Додека власта повторува дека барањата се исполнети, студентите и нивните професори тоа го негираат.
Главното обвинителство на 12 февруари соопшти дека дел од истрагата за уривањето на настрешницата е префрлена на Обвинителството за организиран криминал.