Едниот од обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Велибор Манев, во судница даде исказ за двократното убиство изнесувајќи се’ до најморничави детали.
Манев рече дека со Боре Видевски, Љупчо Палевски и Влатко Кешишев се познавале од порано, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, никогаш не го видел.
Како што од претходно беше познато, Манев се познавал со убиениот Панче Жежовски и му работел во куќата, по што му останал должен 1.500 евра за бекатон плочките. Парите не ги добил.
Манев рече дека заедно со Влатко Кешишев ја копале скривницата, кадешто, според првичниот план, требало да ги сместуваат грабнатите. Планот бил да се чуваат и пуштат кога ќе се извршу наплатата. Според тоа, Жежовски првично требало да биде грабнат и спуштен внатре врзан, а потоа да се искористи неговиот автомобил за да се грабне жена на возраст од 38-40 годишна возраст, па да се направи замена.
Жежовски го грабнале на 23 ноември. Раскажа дека го турнале, му ги врзале рацете, а Палчо потоа влегол во куќата и ги зел клучевите од автомобилот. Го ставиле Панче во гепек и го однеле до отворот на дупката.
„Откако се навеснав да го одврзувам, Палевски влета наеднаш, и му испука куршум во слепочница. Јас останав без зборови, срипав и излегов надвор од шумичката. Бев во ситуација пред колабирање. Се тресев од тоа што го видов. Го видов и Боре како излегува молчешкум од местото, а Палевски го преврте Панче со се церадата во дупката. Потоа дојде до мене и го прашав зошто ова, не требаше вака. Тој ми рече, вака е почисто, нема што да се секираш. Му реков дека не сакам вака да продолжам, зошто за такво нешто не сум ни помислил. Ми рече, цитирам: ‘Да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија’!“, рече Манев.
Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви.
Манев за грабнувањето на Вања: Палевски планираше да грабнеме возрасна жена, а не дете
Пред да биде грабната 14-годишната Вања, првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо на обвинетите им рекол дека ќе грабнуваат 38-годишна жена, ќерка на сопственик на веледрогерија, сведочеше обвинетиот Велимир Манев.
Според сведочењето, Палевски размислувал и за киднапирање на директорот на „Гранит“, а првата личност која сакал да ја грабнат била ќерка на пензиониран скопски бизнисмен кој живее во истата зграда од која беше грабната Ѓорчевска. Потоа Палевски им рекол дека ќе грабнат од 38 до 40-годишна жена од богато семејство.
„Ни ги покажуваше сликите на телефон. Изгледаше на 40-годишна жена, не личеше на дете“, рече Манев.
Палевски им го објаснил системот и начинот како се отвара вратата, енетриерот на внатрешноста на зградата.
„Јас и Боре влеговме во зградата. Беше темно, немаше сијалица. Светлина доаѓаше од влезната врата. Чекавме. Кога се симнуваше личноста, Боре ја грабна со едната рака, а со другата и ја залепи устата и ја повлековме кон скалите, кон потемното. Излезе од лифтот, спуштајќи се по скалите надолу. Според сликите кои ни ги даваше Палчо, особата беше идентична, колку што можевме да видиме во темното. Ја врзавме, ја ставивме во вреќа за спиење. Кешишев ја донесе колата пред влезот, го отвори гепекот за да можеме да ја ставиме“, рече Манев.
На таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски му се слоши, по што судијата даде пауза.