Ројтерс: Обединетите Арапски Емирати нудат да бидат домаќини на разговори за ставање крај на војната во Украина

Макфакс

13/02/2025

21:02

228

Големина на фонт

а а а

Обединетите Арапски Емирати ги информираа Соединетите Држави дека сакаат тие да бидат домаќини на преговорите за ставање крај на војната во Украина, кои на крајот би можеле да опфатат одржување на мировен состанок меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави денеска Ројтерс, цитирајќи пет извори запознаени со ова прашање.

Извори на британската агенција наведуваат дека ОАЕ „со цело срце се залагале тие да играат клучна улога во обидот да посредуваат за одржување на мировните преговори меѓу Русија и Украина“.


Според три од тие извори, од САД и ОАЕ, претставници на ОАЕ му предложиле на Вашингтон земјата да биде домаќин на „мировен самит“, а двајца од нив рекле дека таков самит на крајот би можел да вклучи и средба меѓу Путин и Зеленски.

Според Ројтерс, Министерството за надворешни работи на ОАЕ не одговорило на барањето за коментар.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека еден од неговите главни приоритети е ставање крај на речиси тригодишниот конфликт во Украина, а вчера најави дека би можел да се сретне со Путин во Саудиска Арабија.

Неколку земји изразија интерес за одржување средба меѓу Трамп и Путин, меѓу кои Србија и Швајцарија, а Wall Street Journal наведува дека и Кина е заинтересирана да биде домаќин на средбата, пренесува Танјуг.