[ВИДЕО] Во ова англиско село нема криминал, долгови ниту бездомништво – Причината е бизарна

Точка

13/02/2025

16:53

4.540

Големина на фонт

а а а

Селото Дарвел во источен Сасекс на прв поглед изгледа како место од соништата. Имено, таму нема никаков криминал, ниту долгови, а сите жители имаат сигурен покрив над главата – сето тоа без потреба да заработуваат плата. Не, ова не е измислена утопија, туку село во кое, заедницата од 300 луѓе речиси половина век живее надвор од рамките на современото општество.

Место каде што никој ништо не поседува

Оваа заедница, која се наоѓа недалеку од Хестингс, е дел од религиозната група Брудерхоф, позната по радикалните христијански практики. Жителите споделуваат заеднички живот, одгледувајќи сопствена храна на фарми и овоштарници, водат свои училишта, кујни, па дури и управуваат со фабрика за детски играчки и мебел вредна повеќе милиони фунти.

Нивниот начин на живот се заснова на раните библиски текстови, а приклучувањето кон оваа заедница подразбира откажување од приватната сопственост, парите и општествениот статус. Оние кои ќе одлучат да станат членови на заедницата мора да прифатат строги правила, вклучувајќи забрана за развод, истополови врски и почитување на пропишаниот кодекс на облекување.

Како изгледа еден ден во селото?

Денот во Дарвел започнува во 6 часот, а работните и училишните активности траат од 7:30 до 17:00 часот со двочасовна пауза за ручек. Тука не постојат модни трендови бидејќи жените носат едноставни традиционални фустани и марами, додека машката облека се состои од лежерни кошули и карирани маици.



Интересно е што децата немаат телевизори, мобилни телефони или социјални мрежи. Оваа заедница верува дека тоа е клучот за посреќно и поздраво детство.

Вакви слични населби постојат ширум светот

Заедницата Брудерхоф има уште 23 слични населби низ светот, а сето тоа започна во 1920 година во Германија како пацифистичко движење. Поради нивните верувања, нацистите им го конфискувале имотот, по што побегнале во Англија, каде биле пречекани со топло добредојде.

Бернард Хибс, еден од жителите на Дарвел, живее во заедничка куќа со сопругата Рејчел, нивните деца и родители. Тој го опишува животот како едноставен, но исполнет.

„Обично јадеме заедно во заедничка трпезарија, пееме и славиме заедно како едно големо семејство. Сè започна со млади луѓе кои сакаа целосно да го следат Исус, а тој дух и денес живее во нас“, објасни тој.

„Немам грижи, немам кредит, немам сопствен имот“

Бернард истакна дека многу посетители доаѓаат со предрасуди дека станува збор за култ, но потоа се изненадуваат: „Нема чудни ритуали или тајни ракувања. Ние сме премногу нормални за култ“, додаде тој.


Како директор за надворешни работи, Бернард е еден од ретките жители кој има пристап до компјутер и мобилен телефон. „Немам грижи, немам кредит, немам сопствен имот. Ако ми требаат чевли, само ќе ги побарам и ги добивам истиот ден. Имаме 10 автомобили за 300 луѓе и сè функционира совршено“, објасни тој.