Украина и Европа не смее да бидат исклучени од идните мировни преговори за ставање крај на војната во Украина, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, во интервју за „Монд“ објавено денеска.
Европските лидери сакаат место на масата во мировните преговори за Украина откога американскиот претседател Доналд Трамп директно разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и им нареди на највисоките американски претставници да почнат разговори за ставање крај на војната во Украина.
„Не можете да зборувате за Украина без Украина, ниту за Европа без Европа“, рече Сибиха.
Додаде дека украинското членство во НАТО е најевтиниот начин трансатлантската алијанса да ја гарантира украинската безбедност и дека не треба да има компромиси, кои би му наштетиле на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
„Ние сакаме сеопфатен договор. Тоа е во интерес на САД. Со лидерството на Трамп, со силна европска посветеност и европско единство, имаме можност да му дадеме нов момент на овој процес. Но, колку што знам, нашите американски сојузници сè уште не ги финализирале своите планови“, додаде тој.
„Сите наши сојузници рекоа дека патот на Украина кон НАТО е неповратен. Таа можност е во нашиот устав. Тоа е во наш стратешки интерес“, рече Сибиха.
Путин и Трамп разговараа телефонски повеќе од еден час во средата. Трамп тогаш најави почеток на преговорите и рече дека не е практично Украина да добие членство во НАТО.
Одлуката на Трамп ги шокира европските престолнини, кои инсистираат да играат централна улога во мировните преговори бидејќи веруваат дека секој договор ќе има последици врз нивната безбедност.
Трамп рече дека Путин сака војната да заврши и дека разговарале за постигнување прекин на огнот во не толку далечна иднина.
„Тој сака да заврши. Не сака прекин, а потоа борбите да продолжат шест месеци подоцна“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.
„Мислам дека сме на пат кон постигнување мир. Мислам дека претседателот Путин сака мир, претседателот Зеленски сака мир и јас сакам мир. Само сакам да видам како луѓето престануваат да се убиваат“, додаде тој.
Кремљ објави дека Путин и Трамп се договориле да се сретнат и дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва. Трамп рече дека нивниот прв состанок веројатно ќе се одржи набргу во Саудиска Арабија.
Во објава на својата платформа за социјалните медиуми Трамп истакна дека државниот секретар, Марко Рубио, директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, советникот за национална безбедност, Мајкл Валц, и пратеникот за Блискиот Исток, Стив Виткоф, ќе ги водат преговорите за ставање крај на војната.