Американскиот секретар за одбрана, Хегсет, пристигнува во Европа во првата официјална посета.
Светските лидери прават грешка кога заклучуваат дека напорите на претседателот Доналд Трамп да ја преоцени глобалната воена позиција на Америка значат дека Вашингтон се повлекува, изјави вчера шефот на Пентагон, Пит Хегсет.
Според известувањето на „Гласот на Америка“, Хегсет им се обратил на новинарите во Штутгарт, дом на американските командни центри за Европа и Африка, на своето прво официјално патување во странство, откако минатиот месец ја презеде функцијата секретар за одбрана на САД.
Би било пропуст да не ја разгледуваме позицијата на нашите сили насекаде, но би било погрешно да се претпостави дека Америка напушта нешто или дека Америка заминува. Не, Америка е паметна и набљудува, планира, дава приоритети и проектира моќ таму каде што е потребно за да се спречи конфликтот, – изјави Хегсет.
Тој зборуваше пред клучните состаноци што ги има денес и утре во Брисел со министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО и Контакт групата за Украина, која вклучува скоро 50 земји кои ветија поддршка за Украина во нејзината војна против Русија.
Американските одбранбени претставници рекоа дека се очекува Хегсет да изврши притисок врз сојузниците да преземат водечка улога во справувањето со безбедносните предизвици во Европа и да вложуваат повеќе во одбраната.
Европскиот континент заслужува да биде ослободен од било каква агресија. Но, тие од соседството треба најмногу да вложуваат во индивидуална и колективна одбрана. Тоа е здрав разум. Вие го браните вашето соседство, а Американците ќе ви помогнат во тоа, – изјави Хегсет.
Меѓутоа, не е познато дали тоа значи дека Америка ќе задржи силно воено присуство во Европа.
Хегсет исто така рече дека желбата на Трамп да постигне „брз мировен договор во Украина“ може да ѝ дозволи на Америка да ги пренасочи ресурсите за да се спротивстави на растечката закана од Кина во Индо-Пацифичкиот регион.
Нема сомнеж дека амбициите на комунистичка Кина се силни. Тие го гледаат светот значително поинаку од нас, а кој и да ја преземе водечката улога ќе го обликува 21-виот век, – изјави американскиот министер за одбрана.
Тој ја остави отворена можноста САД да одржат воено присуство во Африка, вклучително и во Сомалија, и покрај одлуката на Трамп, за време на неговиот прв мандат, да ги повлече американските трупи од таа земја.
Африка е на првата линија во борбата против исламистите. Нема да дозволиме да се зацврстат таму и да се обидат да ја нападнат Америка, – изјави Хегсет.
Во моментов, САД имаат околу 500 војници на специјалните сили во Сомалија, каде што им помагаат на владините сили во борбата против огранокот на Исламската држава и Ал-Шабаб, поврзан со Ал Каеда.
Хегсет исто така во вторникот вети дека ќе изнајде начини за зголемување на ефикасноста на трошоците за одбрана на САД и додаде дека ја поздравува помошта од Илон Маск, мултимилијардерот кој ја предводи невладината Агенција за владина ефикасност (DOGE) на Трамп.
Се надевам дека наскоро ќе му посакам добредојде на Илон во Пентагон. Во седиштето (во Вашингтон) има непотребни трошоци и технолошки вишок кои треба да се решат. Министерството за одбрана не се занимава со климатските промени и не го решава глобалниот термостат. Нашата работа е да спречиме војни и да ги победиме, – изјави Хегсет, укажувајќи на програмите кои се фокусирани на климатските промени.
Во исто време, тој изјави дека Америка треба да вложува повеќе во одбраната и побара за таа цел да се издвојат најмалку три отсто од БДП.
Администрацијата на Трамп бара од сојузниците во НАТО да издвојат најмалку пет проценти за одбрана.