Руте: Путин мора да разбере дека Западот е обединет

Макфакс

13/02/2025

17:59

281

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изјави дека е важно рускиот претседател Владимир Путин да разбере дека Западот е обединет кога ќе почнат преговорите за завршување на војната со Украина.

„Не знам точно што му е на ум претседателот Путин, се разбира. Тој е силен преговарач, тој е многу непредвидлив, но на крајот, доколку сакаме да постигнеме мировен договор, неопходно е тој да учествува“, рече Руте по денешната средба на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата во Брисел, пренесе Ројтерс.

Руте додаде дека Украина дефинитивно ќе биде вклучена во секој мировен договор, а претходно рече дека договорот мора да биде од траен карактер, како и дека Киев мора да биде вклучен во сите дискусии за него.

„Од клучно значење е каков и да е исходот од преговорите, тој да биде траен и издржлив“, рече Руте.

Тој исто така рече дека е клучно Украина да биде вклучена во се што ја засега.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа и со украинскиот претседател Володимир Зеленски за итен почеток на преговори за ставање крај на војната.

Европските лидери порачаа дека и Украина и Европа мора да бидат вклучени во изнаоѓање мировно решение, пренесува Танјуг.