ОЈО Скопје нареди вонредни инспекциски надзори над загадувачите на воздухот во главниот град

Макфакс

13/02/2025

14:24

276

Големина на фонт

а а а

Вчера, по барање на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, се вршат координирани вонредни инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за животна средина и општинските инспектори од општините на град Скопје и Град Скопје, како и од МВР и Дирекцијата за заштита и спасување на подрачјето на главнот град.

Дејствата се преземаат во рамките на предмет поврзан со загадувањето на воздухот во Скопје, а сите надлежни институции се задолжени да изготват соодветни извештаи од извршените контроли и да ги достават до Обвинителството.

Државните инспектори за животна средина треба да вршат надзори во инсталациите што поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола и инсталациите што поседуваат одобрен елаборат за заштита на животната средина, а за чие одобрување е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање. Инспекцискиот надзор ќе биде фокусиран над инсталациите што при извршување на технолошките процеси може да имаат удел во нарушување на квалитетот на амбиенталниот водзух и во правните субјекти, кои за загревање на објектите користат мазут/нафта.

Со иста задача овластените инспектори за животна средина при Град Скопје треба да направат направат вонредни инспекциски надзори во инсталациите што поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола и инсталациите што поседуваат одобрен елаборат за заштита на животната средина, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на град Скопје. Комуналните инспектори и комуналните редари се задолжени да вршат проверка над возилата што излегуваат од градежните парцели дали ги мијат тркалата, дали има одлагање отпад на јавни површини, палење оган на отворено.

Овластените инспектори за животна средина при општините во градот Скопје треба да направат направат вонредни инспекциски надзори во инсталациите што поседуваат одобрен елаборат за заштита на животната средина, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината.

Министерството за внатрешни работи врши контрола дали се почитува посебниот сообраќаен режим за тешките товарни возила насочувајќи ги кон обиколни патишта со цел да се намали сообраќајот во урбаните средини.

Инспекторите во Дирекцијата за заштита и спасување треба да извршат контрола на правните субјекти, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите за заштита и спасување од пожари на луѓето, кои за загревање на просториите користат мазут/нафта, дали редовно ги одржуваат горилниците и редовно ги чистат димоводните канали во согласност со пропишаната законска динамика.

По доставувањето на сите извештаи, доколку во нив се содржани елементи на кривично дело од областа на животната средина и природата, Основното јавно обвинителство Скопје веднаш ќе поведе постапки против сторителите.